Сугарески: Предвидени се 300 милиони евра инвестиции во патишта во Источниот регион


Штип, 5 април, 2018 - 15:06 (META) 

Должината на експресниот пат Штип – Кочани кој е во изградба, изнесува 28 километри и предвидено е да се гради во две фази, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески кој направи увид во градежните работи.

– Во тек е изградба на првата фаза од Штип до Крупиште во должина од 14,3 километри, инвестиција со вредност од преку 20 милиони евра. При изградбата на оваа фаза, наидовме на потешкотии при реализацијата на проектот, но успеваме да ги надминеме и во моментов вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 20 отсто – изјави Сугарески.

Во однос на втората фаза од реализацијата, во тек е одобрување на тендерската документација.

– Источниот регион е токму оној во кој се предвидени најголеми инвестиции во изградба и реконструкција на патната мрежа. Тука ќе реализираме инвестиции од околу 300 милиони евра во изградба на автопати, два експресни патишта и реконструкција на регионалните патишта. Вкупниот прогрес на градежните работи на автопатот Миладиновци – Штип изнесува 77 отсто и согласно анекс-договорот што го потпишавме, очекуваме да биде завршен до септември оваа година – додаде Сугарески.


Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде завршен до 28 февруари


Скопје, 10 октомври, 2017 - 20:47 (META) 

Владата денеска го усвои предлогот за потпишување анекс на договорот за изградба на автопатска делница Демир Капија – Смоквица, со кој се продолжува времетраењето на договорот за изградба до 28 февруари 2018 година.

Како што соопшти владината прес-служба, освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот.

Градежните зафати се однесуваат на дислокацијата на далноводот на МЕПСО и на изградбата на контролниот центар.

„Со продолжувањето на времетраењето на договорот за градежни работи до 28 февруари 2018 година, ќе се продолжи и времетраењето на договорот за надзор. Во согласност со првичните пресметки направени од надзорниот орган, за надзор на градежните работи се потребни околу 850.000 евра, средства кои се обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот. Со потпишување на анексот ќе се овозможи завршување и пуштање во сообраќај на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Паневропскиот коридор 10, најдоцна на почетокот на март 2018 година“, стои во соопштението.


Нови 17 милиони денари за „Виа“ за реконструкција на „Гоце Делчев“


Скопје, 15 јуни, 2015 - 17:07 (META) 

Нови 17 милиони денари или нешто повеќе од 276.000 евра, Министерството за образование и наука ќе ѝ плати на фирмата „Виа“ од Вевчани „за регулирање вишоци, кусоци и непредвидени работи“ за санација на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Првиот тендер за студентскиот дом, МОН го склучи со фирмата „Виа“ од Вевчани и според електронскиот систем за јавни набавки, договорот помеѓу Министерството за образование и „Виа“ чини 76.397.375 денари, односно 1,2 милион евра. Договорот е склучен на 6 август 2014 година.

Истата фирма пред неколку години градеше и дел од охридската Општа болница. Тогаш претседателот на Општинскиот комитет на СДСМ во Охрид, Науме Јовановски, обвини за непотизам, изјавувајќи дека „Виа“ е фирма на таткото на сопругата на поранешниот пратеникот од ВМРО-ДПМЕ, Александар Спасеновски.