fbpx

Францускиот предлог пристигнал во Бугарија, бугарските политичари засега одбиваат да го кренат ветото

-

Предлогот на Француското претседателство со ЕУ за надминување на бугарското вето за почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ стасал до Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент и вчера се дискутирало за него во парламентарната Група за пријателство со Франција, јави Бугарското национално радио (БНР), повикувајќи се на два независни извора од парламентот.

БНР поседува примероци од предлогот, односно францускиот Анекс, на преговарачката рамка за Северна Македонија, на англиски и на француски јазик, кои не ги објавува во целост.

Во суштина, голем дел од францускиот предлог се однесува на заштитата на бугарското малцинство во земјава и на спроведувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, а наведен е и Преспанскиот договор.

Во документот што е испратен од Француското претседателство до претседателката на Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент, Венцислава Љубенова, стои дека „преговорите за приклучување предвидуваат специјално внимание да се обрне на заштитата и недискриминацискиот однос кон граѓани од малцинските групи и заедници во Северна Македонија“. За да се гарантира тоа, напредокот по ова прашање ќе биде внимателно следен од Европската комисија, која ќе изготвува извештаи до Советот.

Во Анексот се потцртува дека Европскиот совет ги цени намерите на Бугарија и Северна Македонија да подготват еднострана декларација за македонскиот јазик.

Покрај барањата за спроведување на важните реформи и законски измени за прием на С. Македонија во ЕУ- како судската реформа и борбата против корупцијата и организираниот криминал – е внесена и борбата против говорот на омраза и дискриминацијата.

Во преговарачката рамка е вклучено и барањето за постигање конкретни резултати и примена на двостраните спогодби во дух на добра волја, вклучително и Договорот за добрососедство од 2017 година и Декларацијата на Софија од мај 2018 година.

Сепак, францускиот предлог, предвидува и замрзнување на преговорите на иницијатива на самата Европска комисија или на молба на земја членка, во случај на прекршувања на условите.

Северна Македонија ќе треба да усвои Акциски план посветен на заштитата на правата на малцинствата, во сферите на недискриминацијата, борба против говорот на омраза, образованието, создавање ефективни мерки, механизми за известувањето и посочување на одговорните институции. Спроведувањето на оваа патна карта и Акциски план ќе биде постојано следено и дискутирано на меѓувладините конференции во текот на процесот на приклучување, односно во текот на преговорите.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера попладне рече дека Македонија не го добила предлогот. Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак не го коментираше францускиот предлог за кревање на бугарското вето.

„Сметам дека наша позиција треба да биде да чекаме што ќе кажат земјите, а ние после ќе ги кажеме нашите забелешки дали е нешто прифатливо или не“, изјави Османи на прес-конференција на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид.

Завчера францускиот амбасадор Флоранс Рубин имал средба со пратениците од Групата за пријателство со Франција во бугарскиот парламент и на средбата се дискутирало за документот, а се дискутирало дали владејачката коалиција го има потребното мнозинство за да се усвои францускиот предлог. Мнозинството е неопходност за Бугарија да го прифати францускиот предлог, и со тоа и да го крене ветото, откако премиерот Кирил Петков неделава повтори дека сите предлози и решенија што излегуваат од официјалната позиција на бугарскиот државен врв за надминување на спорот со Северна Македонија ќе мора да бидат одобрени од парламентот.

„Јас како премиер нема да донесам никаква одлука доколку тоа не добие зелено светло од бугарскиот парламент. Следната недела ќе одам во Брисел, ако немаме одлука на бугарскиот парламент, единствено што ќе кажам во Брисел е: ветив дека оваа одлука треба да ја донесе парламентот и бидејќи не е донесена, јас нема да направам никаква промена во бугарската позиција“, изјави Петков.

Инаку, за доверба на сегашниот владин кабинет на Кирил Петков би требало да се гласа в среда од страна на бугарското собрание.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера изјави дека е песимист за кревање на ветото, оти, како што рече, секој втор четврток доаѓал во Софија за да разговара за кревање на бугарското вето, но сега преговорите со Бугарија се во ќорсокак.

Бугарскиот претседател Румен Радев пак денеска изјави дека францускиот предлог доставен до Бугарија е чекор во правилната насока, но и дополни дека премиерот Петков е премиер на Бугарија, а не курир на Франција за Северна Македонија. Тој изјави дека Бугарија требало да изработи свои предлози за решавање на проблемите со соседот, но и рече дека францускиот предлог остава прашања кои треба да бидат разјаснети пред да се крене ветото, пренесува бТВ Новините.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...