Нови 17 милиони денари или нешто повеќе од 276.000 евра, Министерството за образование и наука ќе ѝ плати на фирмата „Виа“ од Вевчани „за регулирање вишоци, кусоци и непредвидени работи“ за санација на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Првиот тендер за студентскиот дом, МОН го склучи со фирмата „Виа“ од Вевчани и според електронскиот систем за јавни набавки, договорот помеѓу Министерството за образование и „Виа“ чини 76.397.375 денари, односно 1,2 милион евра. Договорот е склучен на 6 август 2014 година.

Истата фирма пред неколку години градеше и дел од охридската Општа болница. Тогаш претседателот на Општинскиот комитет на СДСМ во Охрид, Науме Јовановски, обвини за непотизам, изјавувајќи дека „Виа“ е фирма на таткото на сопругата на поранешниот пратеникот од ВМРО-ДПМЕ, Александар Спасеновски.