„Фејсбук“ без согласност споделувал податоци со производители на смартфони


Њујорк, 5 јуни, 2018 - 12:05 (META) 

Социјалната мрежа „Фејсбук“ имала договор за споделување податоци на корисниците со компании производители на смартфони и други уреди, како „Амазон“, „Епл“, „Блекбери“, „ХТЦ“, „Мајкрософт“, „Самсунг“ и десетици други, пишува американскиот весник „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на извори во социјалната мрежа.

Како што е наведено, „Фејсбук“ има потпишано договори со најмалку 60 производители на паметни телефони и други уреди. Соработката траела околу десет години откако апликацијата „Фејсбук“ стана достапна за паметни телефони.

Од Фејсбук ги негираат наводите дека софтверот АПИ (Апликациски програмски интерфејс) и помогнал да добие пристап до уредите, на пример Aјфон.

Според „Њујорк тајмс“, во рамките на соработката, администрацијата на „Фејсбук“ им дала на производителите не само лични податоци на потрошувачите, туку и на нивните пријатели. Ова е направено без експлицитна согласност на корисниците, па дури и по објавувањето дека таквите информации повеќе не се пренесуваат надвор од социјалната мрежа и дури и кога во поставките за приватност корисникот забранил споделување.


Претреси и апсења во фабрика за лажни „ајфони“ во Кина


Пекинг, 28 јули, 2015 - 10:29 (META) 

Кинеските власти извршиле претреси и уапсиле девет лица во фабрика во која, според сомневањата, биле направени 41.000 лажни „ајфони“ на „Епл“, јавуваат светските медиуми.

Според информациите, во фалсификувањето биле ангажирани стотици работници кои од деловите на стари, односно половни паметни телефони склопувале „ајфони“, означувајќи ги како нови и ги подготвувале за извоз. Заработката од продажбата на лажните телефони направени во фабриката се проценува на околу 19 милиони американски долари.

Фабриката била откриена уште кон средината на мај оваа година, но од Бирото за јавна безбедност во Пекинг информацијата ја откриле дури оваа недела, преку социјалните мрежи.

Бизнисот, според информациите на пекиншките власти, бил воден од брачна двојка, а фабриката била сместена на периферијата на главниот град на Кина.

Истрагата за фабриката била иницирана од властите на САД, кои претходно заплениле дел од лажните телефони.

Извештаите за случајот доаѓаа во време кога Кина презема остри мерки за сузбивање на бизнисот со фалсификувани производи, притискајќи ги фирмите да ја брендираат стоката.


„Епл“ годинава ќе лансира три различни модели „ајфон“


Вашингтон, 26 март, 2015 - 12:52 (META) 

Компанијата „Епл“ во втората половина на годинава ќе објави три различни модели „ајфон“, пишува „Дигитајмс дејли“.

Според индустриски извори, тоа ќе бидат iPhone 6S, iPhone 6S Plus, како и четириинчен уред кој во моментов се нарекува iPhone 6C. Сите телефони ќе доаѓаат со панели LTPS, а исто така се препорачува и да бидат опремени со заштитен екран Corning Gorilla Glass.

Во извештајот се наведува дека серијата iPhone 6S би користела процесори A9, додека серијата iPhone 6C би користела процесори A8. Сите телефони ќе имаат поврзување NFC, како и читач на отпечатоци од прсти.


Екран на допир кој ја менува текстурата на „ајфон“


Вашингтон, 16 февруари, 2015 - 15:33 (META) 

Релативно младата компанија „Форм“ од САД го претстави своето уникатно куќиште за „ајпад“ и за „ајфон“, кое создава физички копчиња на самиот екран.

Куќиштето „форм“ има посебен поклопец кој со помош не технологијата на микрофлуиди може, по потреба, да „направи“ испупчување на местото каде на екранот се појавува тастатура и на тој начин на корисникот му создава чувство на физичка тастатура.

„Форм“ не користи дополнителна апликација и бара софтверско поврзување со уредот. Цената на овој додаток е 99 долари, а неговата испорака почнува летово.


„Ајфон“ преживеа пад од 30 километри и на екстремно ниска температура


Вашингтон, 21 јануари, 2015 - 16:08 (META) 

Компанија од Калифорнија „Урбан армор гир“, која се занимава со производство на заштитни куќишта за паметни телефони, го тестираше последниот „ајфон 6“, фрлајќи го од „работ на вселената“.

Тестирањето е направено со помош на специјален балон, со помош на кој „ајфон 6“ го дигнале на висина од 30 километри. На таа висина надворешната температура изнесува – 56 Целзиусови степени.

За време на тестирањето, телефонот бил исклучен, а покрај тоа бил опремен со дополнителен ГПС-локатор за полесно пронаоѓање. Уредот на компанијата „Епл“ го преживеал падот без гребнатинки и е пронајден 15 километри од локацијана од која е лансиран.


Сноуден не користи „ајфон“ од безбедносни причини


Москва, 21 јануари, 2015 - 15:37 (META) 

Поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден, не користи „ајфон“ бидејќи паметниот телефон на компанијата „Епл“ има „таен шпионски софтвер“, вели неговиот адвокат во Русија, Анатолиј Кучерена.

– Сноуден не користи „ајфон“, туку најобичен телефон. Тоа е така од безбедносни причини. Тој уред има посебен, скриен софтвер кој далечински се активира и собира податоци за корисникот – вели Кучерена.

Адвокатот додаде дека тоа е личен избор на Сноуден, но дека неговиот клиент на целата работа ѝ „пристапува особено професионално“.

„Епл“ повеќепати, заедно со другите ИТ-гиганти, е обвинуван дека ги препушта податоците за корисниците до разни разузнавачки служби, поради што компанијата соопшти дека преку оперативниот систем „иос 8“ е „невозможно“ да се стигне до заштитени податоци.


„Ајфонот“ доби сериозна конкуренција од Кина


Пекинг, 20 јануари, 2015 - 19:28 (META) 

Произведувачот на паметни телефони „Ксиаоми“ станува сè посилен во својот лов на пазарот со кој владее компанијата „Епл“ со својот „ајфон“.

Кинеската компанија неодамна претстави нов модел кој може да се натпреварува со „ајфон 6“, но е потенок, полесен и, најважно од сè, е поевтин. Паметниот телефон на „Ксиаоми“ чини 320 евра, додека последниот модел на „ајфон“ на пазарот се продава за 740 евра.

– Посветуваме внимание на секој детаљ за да го направиме телефонот совршен – рече директорот на компанијата, Јун Леи.

Компанијата „Ксиаоми“, која е основана во 2010 година, успеа да го совлада „Самсунг“ на кинескиот пазар во втората четвртина на минатата година. Компанијата планира да се прошири и на индискиот и на другите пазари во развој, но засега не планира да се појави во Европа или во САД.


„Епл“ доби лиценца за свитлив „ајфон“


Купертино, 8 јануари, 2015 - 16:25 (META) 

„Епл“ доби лиценца за свитливиот телефон „ајфон флекс 2“ (iPhone flex 2), кој освен подобра отпорност, опфаќа и функции што ќе можат да се активираат кога уредот ќе биде „свиткан“.

Паметните телефони имаат тенденција да се свиткуваат кога подолго време се држат во џебовите на пантолоните, пред сè, поради својата големина и дебелина. Целта е да се пронајде ново решение со кое ќе се зголеми отпорноста на овие уреди.

Компанијата „Ел-Џи“ се одлучи за свитлив облик, кој, според експертите на компанијата, за 30 отсто ја подобрува отпорноста на паметните телефони.

Свитливоста на телефоните е постигната благодарение на пластичната рамка, тенкото стакло, како и на композитните влакна и на специјалните легури отпорни на постојано свиткување.


Пристига „iPhone 6S mini“?


Купертинo, 26 декември, 2014 - 17:01 (META) 

Компанијата „Епл“ следната година најверојатно следната година на пазарот ќе лансира помал телефон наречен „iPhone 6S mini“.
Како што јавува порталот „Епл инсајдер“, малиот „ајфон“ би можел да дојде со хардверски спецификации кои одговараат на оние од „iPhone 5S“, но најверојатно ќе поседува заоблен дизајн. Покрај тоа, помалиот телефон би требало да биде составен од „поевтини наменски компоненти“ од „Квалком“, што ќе придонесе и за пониска цена.

Извор на наведените информации е аналитичарот Тимоти Аркјури, чии досегашните предвидувања се релативно точни. Тој откри неколку точни податоци за „iPhone 6“ пред неговото излегување, но погрешно тврдеше дека моделот „6 плус“ ќе стигне со посилен процесор.

Доколку се покажат информациите на Аркјури како точни, и корисниците кои не сакаат големи телефони во џебовите, ќе имаат алтернатива за „iPhoneu 5C“, евтиниот телефон на „Епл“ кој не ги исполни очекувањата на компанијата.


„Епл“ го запира производството на iPhone 5c


Купертино, 27 ноември, 2014 - 13:52 (META) 

Производството на iPhone 5c ќе биде запрено во текот на првата половина на 2015 година, јави тајванскиот „Индустриал анд комршел тајмс“.

Во моментов iPhone 5c е најслабиот паметен телефон во понудата на „Епл“. Имајќи предвид дека се темели на „ајфон 5“, моделот 5c е хардверски застарен уред. Изненадува податокот што „Елп“ и по претставувањето на iPhone 6 и на iPhone 6Plus во продажба ги задржа моделите „5s“ и „5c“.

Имајќи предвид дека купувачите на производите на „Епл“  традиционално се повеќе заинтересирани за најдобрите модели, iPhone 5c не ги исполни продажните очекувања. Исто така, цената на уредот по неговото лансирање беше „поволна“ (550 долари во САД), што исто така одби голем дел од потенцијалните купувачи.