Словенија испратила експерт за санирање на последиците од невремето

Словенечката Влада испратила стручно лице во Македонија, кој како дел од тимот експерти на Европската Унија (ЕУ), ќе работи на координирање на активностите за отстранување на последниците од невремето кое во саботата го погоди Скопје.

„Владата на Република Словенија, на седница заклучи дека врз основа на барањето на Владата на Република Македонија преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ во Македонија распореди експерт за да помогне во координацијата за отстранување на последиците од поплавите. Извршувањето на решението е во надлежност на Министерството за одбрана, преку Дирекцијата за заштита и спасување на Република Словенија“, стои во информацијата на словенечката Влада.

Македонија завчера го активираше механизмот на ЕУ за цивилна заштита, кој треба да изврши проценка на штетите и да им даде препораки на властите.

Властите во земјава, како што стои во информацијата од словенечката влада, побарале меѓународна помош од тим експерти за координација во отстранувањето на последиците на несреќата, техничка помош и градежен инжењер, експерт за управување со води.

Мисијата, според словенечката влада, треба да почне денеска и ќе трае во наредните седум дена.