!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шекеринска: Влезот во НАТО ќе ја заштити Македонија од мешањето на Русија


       
Скопје, 9 август, 2017 - 12:10 (META) 

Влезот во НАТО ќе ја заштити Македонија од мешањето на Русија во внатрешни работи на земјата, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во интервју за новинската агенција „Блумберг“.

– И пред изборот на новиот кабинет, бевте сведоци на „одлив“ на информации за обидите на Русија да постигне влијание во клучните политички области и во областа на безбедноста. Загрижени сме од овој факт. Веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да стави крај на овие обиди – вели Шекеринска.

Таа вели дека владата на премиерот Зоран Заев се обидува да ги подобри односите со Грција и за девет месеци да ги спроведе реформите за земјата што побргу да стане членка на НАТО.

– Земјата мора да се справи со проблемите што се однесуваат на владеење на правото и независноста на судството, кои во моментов претставуваат проблем за влез на Македонија во НАТО. Ќе останеме посветени на овие реформи во реалноста, но ќе продолжиме да бараме од земјите членки на НАТО да ги ценат ваквите напори, да ги земат предвид резултатите и што поскоро да донесат одлука – вели Шекеринска.

Министерката за одбрана вели дека Македонија ќе го следи примерот на Црна Гора, која годинава стана членка на НАТО, и дека земјата во 2018 година ќе го зголеми својот буџет за одбрана, кој денес е помалку од 1 процент од БДП.