fbpx

Шара ќе стане Национален парк, откако ќе ја нагрдат со нови градби, тврдат екологистите

-

На прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе мора да се почека до наредната, 2020 година бидејќи сè уште трае процесот на изготвување на Студијата за валоризација на овој планински масив.

Според Искра Стојанова од канцеларијата на УНЕП, Агенцијата на Обединетите нации за животна средина, која ја изготвува студијата, во тек е втората фаза од нејзина изработка и се очекува таа да биде готова и презентирана на засегнатите страни дури на крајот на 2019 година.

– Теренските истражувања се завршени лани, а во втората фаза ќе се работи на зоните и на границите на идниот Национален парк Шар Планина и во овој процес, како и до сега, ќе бидат вклучени локалните заедници, пред сè општините кои гравитираат кон Шар Планина – Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште и Гостивар, но и граѓанските организации како Македонското здружение на екологисти МЕД и два института – Институтот за екологија на Тетовскиот Универзитет и Институтот за биологија на УКИМ – вели Стојанова.

Министерот за животна средина, Садула Дураки, во септември лани најави прогласување на Шар Планина за Национален парк до крајот на 2019 година, со образложение дека тоа е еден од условите за влез во Европската Унија, која бара 12 проценти од територијата на секоја држава, да бидат национални паркови.

– Паралелно со изработката на Студијата за валоризација до крајот на 2019 година ќе се изработи и Социо-економската студија за Шар Планина – вели Беса Татеши, портпаролка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

По одржувањето на јавната расправа, Министерството за животна средина и просторно планирање треба да го изработи конечниот предлог за прогласување на заштитеното подрачје Шар Планина и да го достави до Владата на Република Македонија која одлучува за прогласувањето, односно за натамошното постапување по предлогот.

– Во рамките на проектот за прогласување на Шар Планина за Национален парк, се изработува и Црвена листа на загрозени видови, кои понатаму ќе имаат приоритетно место во креирање на мерките и политиките за заштита“, информира за „Мета“ Татеши.

– Приказната за прогласувањето на Шар Планина за национален парк ја слушаме уште од 1996 година и мислам дека и овој пат нема да ја прогласат, се додека не се завршат сите инфраструктурни проекти кои им се во план – мали хидроелектрани, хотели, цели викенд-населби – вели Александра Бујароска од невладината „Фронт 21/42“.

Таа додава дека тие го следат градењето мали хидроцентрали, кои ги сметаат за еколошки исклучително штетни проекти.

– Изградениот каскаден систем на трите мали хидроцентрали на реката Бистрица веќе направија огромна штета, а водата и е комплетно одземена на реката – тврди Бујароска, напомнувајќи дека Министерството за економија во јануари годинава објавило повик за уште најмалку шест или седум хидроцентрали во пределот на Шар планина.

Од Канцеларијата на УНЕП не можеа да потврдат колку инфраструктурни и други проекти се предвидуваат за реализација во овој планински предел во периодот пред Шара да биде прогласена за национален парк, но истакнуваат дека „сите плански документи ќе бидат земени предвид“ во текот на изготвувањето на Студијата за валоризација на Шарпланинскиот масив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...