Поддршка од ЕК за реформите во јавните финансии


       
Скопје, 31 мај, 2018 - 13:52 (META) 

Постои силна политичка волја за подобрување на управувањето со јавните финансии, беше истакнато денеска од страна на Европската комисија, на настанот за спроведување на Програмата за реформи во јавните финансии (ПФМ) во Министерство за финансии.

Пред претставници на Комисијата, вклучително и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, се обрати министерот за финансии Драган Тевдовски, кој ја поздрави заложбата на институциите во изработка и спроведување на реформите, кои како што истакна се работат со засилено темпо.

„Согласно Програмата предвидено е во текот на годината да се направат крупни реформи во фискалниот сектор. Во рамки на тие реформи се воведувањето на среднорочно буџетирање, новиот закон за јавни набавки, даночни реформи, закон за јавна внатрешна финансиска контрола и континуирано унапредување на фискалната транспарентност“, информираат од Министерство за финансии.

Реформите во Програмата се структуирани во рамки на седум приоритети чија цел е подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните трошења преку фискална дисциплина, одржливост на долгот и ефикасно, транспарентно и современо управување со јавните финансии, одржлив развој и благосостојба на граѓаните.