Наместо да се приближиме до просекот на Европската Унија по бројот на загинати во сообраќајни несреќи, како што е предвидено со Националната стратегија, ние се оддалечуваме, покажува најновата анализа на „ДАТА“.
Според анализата, во 2005 година, како што се гледа од визуелизацијата подолу, Македонија била далеку подобра од просекот во ЕУ. Тогаш бројот на загинати во сообраќајни несреќи на 100.000 жители бил 7, а во ЕУ бил 9,3.
Во 2013 година македонскиот просек се зголемил на 9,5 а европскиот паднал на 5,1.
Во 2017 година, вкупниот број на загинати лица во сообраќајни несреќи е 155, а 24 проценти од нив се на територија на СВР Скопје. Сообраќајните незгоди со смртоносни последици во 2017 година најчесто се случувале во месец јули, во сабота, помеѓу 12 часот на пладне и 20 часот навечер.
Така, 19 проценти од сите несреќи со трагични последици во 2017 година се случиле во месец јули, 18 проценти се случиле во сабота, а дури 43 проценти се случиле во попладневните часови, од 12 до 20 часот.
Објавените визуелизации се дел од проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владaта на САД.