Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова, денеска рече дека ФЗОМ никогаш не размислувал, ниту предлагал надоместокот на плата да биде на товар на фирмите и истакна дека владиниот предлог за „побрза исплата на надоместоците“, мислејќи за породилно отсуство и за боледување, бил по барање на осигурениците.
– Мотивот на Фондот за сите проекти е да се подобри одредено право на осигурениците, во случајов правото на болниот и правото на мајката/таткото на породилното отсуство. Затоа, Фондот во новата владина програма зацрта догодишен проект за побрза исплата на надоместоците. Словенечкото искуство го земавме со големо внимание поради големото задоволство на осигурениците, а воедно дополнително го разработивме и прилагодивме на македонските услови. Примерот на Словенија е исплатата на надоместоците привремено да ги исплатува фирмата, а во краток рок ФЗО да ги надомести до фирмата во целост – рече таа.
Парнаџиева-Змејкова најави дека во владина процедура се три варијанти за реализација за проектот за побрза исплата на надоместоците и дека единствено нешто што го презема Фондот и што треба да почне да се реализира од 1 јануари наредната година е, покрај поднесокот за надоместокот на плата, кој може да го поднесе фирмата или осигуреникот, да овозможи отворањето породилно отсуство да го спроведе здравствена установа.
– Пластично објаснето тоа значи дека по породувањето, болницата или матичниот гинеколог ќе пријави по службена должност отворање на породилно отсуство, кое Фондот веднаш ќе го процесира и ќе почне со исплата, без други документи. Ова е единствената новина за која сакаме да ја информираме јавноста, а е во финална фаза на реализација – рече директорката на ФЗОМ.