Од првиот ден на тргување до денеска, Македонска берза со промет од 3,3 милијарди евра


       
Скопје, 14 септември, 2015 - 14:59 (META) 

Од првиот ден на тргување до денеска, односно од 28 март 1996 година до 31 август 2015 година, на берзата е остварен вкупен промет од повеќе од 3,3 милијарди евра (апроксимативно 90 проценти акции, 10 проценти обврзници) и се склучени 468.258 трансакции со повеќе од 600 хартии од вредност.

Ова денеска го истакнаа од Македонска берза по повод прославата за 20 години постоење.

– Овие резултати се остварени преку активностите на вкупно 32 финансиски посредници (банки и брокерки куќи, кои во определен временски период биле активни членки на берзата) на вкупно 3.834 денови на тргување, односно трговски сесии. Најголем промет е остварен во 2007 година, во износ од околу 680 милиони евра. Берзанскиот индекс МБИ 10 е воведен во 2005 година, со базна вредност од 1.000 поени – информираа од берзата.

Првото основачко собрание на акционери на Македонска берза АД Скопје, било одржано на 13 септември 1995 година, а во просториите денеска се одбележа јубилејот со презентација за берзанското работење.