!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Како се краделе изборите: Детали за акцијата „Титаник“


       
Скопје, 12 февруари, 2016 - 13:45 (META) 

Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска одржa прес-конференција на која ја најави првата акција под името „Титаник“. Во неа, како што информираа од Специјалното обвинителство, биле отворени истражни постапки против поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески (иако нивните имиња не беа експлицитно наведени), како и против секретарот на Владата, Кирил Божиновски, за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал, а сè за фалсификување на изборите.

За нив, како што информираше обвинителката Фатиме Фетаи, постојат основани сомневања дека во 2012 година, користејќи ги своите функции и привилегии, создале група која имала цел преку злоупотреби, насилство, поткуп, носење лица од странство и незаконско финансирање да ги осигураат изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ преку целосно криминализирање на изборите.

– Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и со вметнување во избирачкиот список на лица кои по никоја основа не смеат да бидат вметнати. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму и таму гласале, потоа определени се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и до улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот господин Прибе – рече Фетаи.

Во центарот на изборните манипулации, според специјалните обвинителки, било Министерството за внатрешни работи, чија тогашна министерка, Гордана Јанкулоска, ја „впрегнала целокупната човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа“.

– Избирачкиот список, да не стане забуна, по закон го води ДИК, меѓутоа податоците во него, речиси во 90 отсто се податоци што потекнуваат од службите во МВР. Се разбира дека тука се вклучило и Министерството за правда преку матичните одделенија, меѓутоа кај нив дејствата сè уште се во фаза на основи на сомнение. Конкретно, кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи, министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел. Одеднаш системот на МВР почнал да работи во обратна насока, прво фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот на лични карти, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа имаме нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. По вметнувањето во системот на МВР за лични карти, а со тоа и во избирачкиот список, апсолутно е небитно што на дел потоа им изготвиле лични карти, на дел не, а некои си носеле на гласање и си гласале и со патни исправи, на кои живеалиштето им е на друго место, но бидејќи во избирачкиот список се запишани со новото живеалиште, изборните органи им дозволувале да гласаат – образложи специјалната обвинителка Фетаи.

За сето тоа, огромен дел од финансиската поддршка била обезбедна преку незаконити и непријавени извори на финансирање.

Како што соопштија од СЈО, отворени се постапки и против пет судии на Управниот суд и против четворица членови од составот на Државната изборна комисија (ДИК) од 2013 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, обвинителката Ленче Ристовска рече и дека во моментов од судот е побарано на осум од осомничените да им биде одреден притвор, поради „опасност од влијание врз сведоци“.

Барањата до Основниот суд Скопје 1 биле доставени утринава, а едно лице е веќе уапсено и изведно пред судија на претходна постапка.

Неофицијално, станува збор за градоначалникот на општината Пустец во Албанија, Едмонд Темелко.