Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, денеска разговараа за начините за понатамошно унапредување на билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД, соопштија од Министерството за надворешни работи.
На средбата, Димитров нагласил дека новата Влада е бескомпромисно ориентирана кон реализирање на неопходните реформски процеси во општеството и создавање услови за одговорно владеење и независни институции кои, пред сè, би работеле во функција на потребите на сите граѓани на нашата држава.
„Димитров подвлече дека зајакнувањето на институциите, владеење на правото, промоција на култура на дијалог и компромис ќе бидат најдобри аргументи за забрзана евроатлантска интеграција на земјата. Во тој контекст, посебно беа акцентирани силната посветеност и заложбите на новата Влада за што поскоро остварување на полноправно членство на Република Македонија во НАТО, односно за забрзување на процесот на евроатлантската интеграција на нашата држава“, стои во соопштението и се додава дека министерот укажал дека брзото зачленување на Македонија во Алијансата ќе има исклучително значење и за безбедноста и за просперитетот на регионот во целина.