Банките уриваат рекорди во издавање станбени кредити


       
Скопје, 4 декември, 2018 - 9:56 (META) 

Станбеното кредитирање во изминатите неколку години e најбрзорастечкиот сегмент од кредитното портфолио на банките. Од Народната банка информираат дека годишните стапки на пораст на станбените кредити, кои се движат околу 15 отсто, се значително над просечниот пораст на вкупните кредити на домаќинства, каде годишната стапка на пораст е околу 10 отсто.

Според последните податоци, станбените кредити претставуваат 29,4 отсто од вкупните кредити на физички лица (за споредба, пред пет години, ова учество изнесуваше 24,8 отсто).

На нашето прашање дали има простор за понатамошен пораст на станбените кредити, со оглед на тоа што на пазарот има голем број непродадени станови, а истовремено има семејства кои сè уште не можат да си дозволат купување стан, од Народна банка велат дека треба да се има предвид дека банките при одлучувањето за своите кредитни политики се водат и од ризикот.

„Иако вообичаено станбените кредити се сметаат за помалку ризичен кредитен производ, сепак, и тие носат ризици за банките, поврзани со животниот циклус на овие производи, кој е прилично долг и со тоа создава поголема неизвесност за банките (и со тоа и поголем ризик) околу редовноста во сервисирањето на обврските од страна на клиентите, но и околу вредноста и наплатата на обезбедувањето“, велат од Народната банка.