Ахмети е загрижен за опструкции на Договорот од Преспа и уставните измени


       
Тетово, 6 декември, 2018 - 16:43 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар со кого разговарал за процесот на уставните измени, системските реформи и околу политичката ситуација во земјата, соопштија од ДУИ.

Ахмети пред Жбогар ја истакнал својата загриженост за постоењето на опструктивни струи во однос на Преспанскиот договор и уставните измени.

„Овие клучни моменти за земјата и регионот бараат посветеност од сите, институциите, политичките партии, граѓанското општество, медиумите и други. Овој процес е неповторлив и истиот е од апсолутна важност за обезбедување на нашиот евро-атлантски пат“, рекол Ахмети и ја истакнал одговорноста на секоја институција и на секоја индивидуа за да се обезбеди успех во овој процес.

Соговорниците дискутирале и за системските реформи и помирувањето како поврзани процеси.