„Животи обликувани од вода“ – изложба со дела на седум фотографи од регионот

Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките", која цели да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот.

Фото: Порталб.мк

Овој четврток од 19 часот ќе се одржи изложбата „Животи обликовани од вода” во галеријата на Културниот информативен центар во Скопје, информираат од „Еко-свест“.

На изложбата ќе се претстават дела на седум фотографи од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија.

Проектот е дел од иницијативата „Заедно за реките”, која цели да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот.

Преку објективите на фотографите, изложбата „Животи обликовани од вода” раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките.

Членовите на иницијативата сакаат да ја запознаат јавноста со својата работа, со конкретните реки на чија заштита активно работат, како и со гласовите на локалните заедници.

Иницијативата има поддршка од меѓународата организација за заштита на природата „The Nature Conservancy” и се реализира во соработка со „Еко-свест“ од Македонија и други меѓународни организации.

Како дел од оваа иницијатива, „Еко-свест“, со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започнува процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје.

Влезот за посетителите е бесплатен и ќе биде отворен до 15 октомври.