fbpx

Зголемувањето на платите во МВР ќе чини четири милиони евра

-

Повеќе од 10.000 вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе бидат опфатени со мерката за усогласување на платите на полициските службеници и на овластените службени лица со тие на службениците во Царинската управа, информира денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за мерката што во неделата, на народниот собир во Штип, ја најави премиерот Никола Груевски.

– Во соработка со Македонскиот полициски синдикат, подолго време работевме на стратегијата за усогласување на основната плата во МВР со основната плата со слични служби од јавната администрација и притоа постигнавме договор усогласувањето да се прави со платите во Царинската управа. За оваа намена, за да може да се финансира ваквото зголемување на платите, Владата обезбедува дополнителни речиси 250 милиони денари. Тие се потребни за исплата на платите до крајот на годината – рече Јанкулоска.

Според министерката, на вработените опфатени со мерката, априлската плата, која ќе ја добијат на почетокот на мај, ќе биде за 5 отсто повисока од претходната. Процесот ќе продолжи до крајот на 2017 година кога, како што рече Јанкулоска, ќе се постигне усогласувањето на платите на службениците во МВР со тие на вработените во Царината.

На новининарско прашање дали парите предвидени за зголемувањето на платите се предвидени во буџетот, Јанкулоска не даде конкретен одговор.

– Овие средства се обезбедни од Владата на Република Македонија – одговори кусо министерката.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Тихомир Климовски, изрази задоволство од донесената мерка и, како што рече, исправањето на една затекната историска неправда.

– Заокружуваме можеби еден од најважните процеси од интерес на вработенте во МВР. Процесот на усогласување на платите на вработените со платите на вработените во останатите сектори, Македонскиот полициски синдикат го почна пред неколку години, презентирајќи пред надлежниот работодавец, МВР и Владата, дека постои неправеден расчекор меѓу платите. Дијалогот, кооперативниот и конструктивен однос со работодавните структури, придонесе да се воочи оваа затекната историска неправда и да е почне со процес на усогласување на нашите плати – рече Климовски.

Како што соопшти министерката Јанкулоска, во одговор на новинарско прашање, „најниската плата на вработен со средно образование во моментов изнесува 15.356 денари, основна плата без додатоци“.

– За полициски овластувања додатоците се 30 отсто, за овластени службени лица се 20 отсто, потоа во делот на плата влегуваат и евентуалните прекувремени ангажмани, работа на празник, работа во неработен ден. Со зголемувањето на основната плата, се зголемува базата врз која се пресметуваат додатоците – објасни министерката.

Таа истакна дека во подготовка е и новиот колективен договор на полициските службеници со МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...