Извор на фотографија: ЕСМ

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ги одбра како најповолни доставените понуди на компаниите „Фортим Енерџи Електрик“ од Турција и „Соларпро холдинг“ од Бугарија, за изградба на фотонапонска електрана на местото на некогашната термоелектрана Осломеј, со јачина од 50 мегавати. Владата на синоќешната седница даде согласност на овој избор на најповолна понуда, во постапката за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на две фотонапонски електроцентрали, што ја спроведе АД ЕСМ.

Според понудата, на ЕСМ ќе му припаднат 18,510 отсто од произведената електрична енергија, како што понудила „Фортим Енерџи Електрик“ и 18,010 отсто според понудата на „Соларпро холдинг“.

Инаку, поради грешки во апликацијата, ЕСМ на почетокот на февруари годинава го реобјави огласот за јавна набавка за договор, по принципот на ЈПП, за изградба на една фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 2×40 мегавати во кругот на рудникот РЕК Осломеј. Крајниот рок на доставување на понудите беше 12 март годинава, со период на важност на понудата од 150 дена.

Министрите на синоќешната седница, исто така, донесоа и одлука за давање согласност за долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на РСМ, во атарот на Општина Свети Николе, заради изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, односно фотонапонски електрични централи.