Во текот на изминатите 24 часа екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје собраа и транспортираа речиси 1.000 тони комунален отпад од подземните и надземните контејнери на територијата на градот Скопје. Како што соопштија од претпријатието, контејнерите се празнеле во текот на цела ноќ.

Минатата недела, отпадот се собираше само во една смена, но состојбата на терен покажала дека така не е можно да се подигне и транспортира отпад од речиси 6.000 контејнери поставени во сите скопски општини.

„Од тие причини, ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува да го собира и транспортира комуналниот отпад во три смени, секој ден во неделата, а така ќе биде и во текот на претстојниот празничен викенд. Се информираат граѓаните дека и отпадот од индивидуалните домаќинства ќе продолжи да се собира со стандардната динамика, два пати во неделата. Апелираме граѓаните да се воздржат од одлагање кабаст, градежен и градинарски отпад во контејнерите, како и во нивната околина“, соопштија од ова претпријатие.