За да се справиме со загадувањето и климатските промени, неопходни ни се модерни технологии за затоплување на домовите

Фото: Rudy and Peter Skitterians from Pixabay

Премин кон најнови технологии за затоплување и ладење на домовите, кои ќе се базираат на обновливи извори на енергија, како и континуирани инвестиции во енергетска ефикасност, се најважните предуслови за успешна борба со загадувањето на воздухот во земјава. За загревањето на објектите кај нас се уште се користат технологии од втората генерација, домовите се со слаба енергетска ефикасност, а јагленот, заедно со гасот, сè уште имаат главна улога во обезбедувањето на енергија.

За разлика од кај нас, Европа и светот имплементираат системи со најмодерни технологии од четврта генерација, кои се базираат на еколошки извори на енергија што во иднина ќе обезбедат намалување на загадувањето на воздухот.

Греењето на фосилни горива го загадува воздухот во околината, но многу повеќе во домот во кој што се користи. Користењето на стар шпорет на јаглен или дрва, со кој се затоплува куќата, но и на кој се готви, е исто како да се седи во просторија каде што се пушат по 400 цигари на час, информираше Давор Пехчевски од „Еко Свест“ на работилницата „Можности за попаметно греење“, во рамките на Националната конференција за клима. За разлика од развиените земни од Европа, каде во 2010 година само седум отсто од домаќинствата користеле цврсти горива за готвење, во Северна Македонија сè уште околу 40 отсто од домаќиствта немаат пристап до уред за чисто готвење.

„Податоците за загадувањето на воздухот со кои располагаме се однесуваат на надворешното загадување, додека, пак, за внатрешното немаме речиси никакви информации, ниту пак се мери. Сепак, внатрешното загадување е најголем ризик фактор за хронични респираторни заболувања, рак на белите дробови и кардиоваскуларни заболувања кај жените во земји со низок и среден доход“, посочи Пехчевски.

Во Северна Македонија и во поголемиот дел од регионот трендот на затоплување на објектите речиси е ист. Кај нас постои само еден функционален систем на централно греење од втора генерација, кој користи гас како гориво, што спаѓа во фосилните горива. Системот не мери потрошувачка по основа на индивидуални станбени единици и не дозволува прилагодување на температурата. Само осум отсто од домаќинствата и објектите се приклучени на овој систем, додека пак, 62 отсто користат дрво и пелети како извор на енергија, а десетина отсто електрична енергија. Голем проблем е и што најголем дел од објектите се стари повеќе од три децении, без речиси никаква енергетска ефикасност.

„Мораме да се стремиме кон многу посовремени системи на затоплување и ладење. Во Европа се имплементираат системи со мајмодерна технологија од четврта генерација кои интегрираат повеќе извори на енергија, соларна, ветерна, термална… и се комбинирани и за загревање и за ладење, што ги прави поефикасни. Сè почесто се користат и модели за складирање на топлината, која може да се користи во зимскиот период кога е најпотреба. Овие инвестиции треба да се комбинираат со мерки за енергетска ефикасност“, смета Маја Камбовска од CEE Bankwatch network.

Таа информира дека трансформацијата кон почисти модерни решенија за греење е процес кој трае подолго време и чини доста финансиски средства, заради што мора да почне веднаш. Кај нас нема во функција напредни системи за затоплување, но процесот може да почне од помали зони во градот, па да се шири. Спроведувањето на помали проекти е со поддршка на локалното население, но клучна е волјата на властите за реализација и поттикнување на промените и инвестициите во енергетската ефикасност.

Новите технологии од четвртата генерација се системи кои се базираат претежно на обновливите извори на енергија. Тоа се соларанта енергија, геотермална топлина, отпадната топлина, како и топлинските пумпи кои извлекуваат топлина од вода, но и од воздух и од геотермална енергија, и кои можат да се користат и на индивидуално ниво и во системи во централно греење. Сезонското складирање на топлината е тренд во Европа, што овозможува искористување на енергијата во зима, кога е најпотребно затоплување.

Северна Македонија во 2019 година ја донесе Стратегијата за енергетика каде голем акцент се дава на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Во земјава, според Алексадар Дединец од МАНУ, од последици од загадување од ПМ 2,5 честиците годишно умираат околу 3.000 лица. Истражувањата покажуваат дека високите концентрации на полутанти особено се сретнуваат во е зимскиот период, што укажува дека греењето е еден од предизвикувачите на создавањето на ПМ честичките.

„Анкета која ја спроведовме во 2017 година покажа дека и во центарот на Скопје се користи и јаглен како гориво. Огромен број од куќите се стари, изградени пред 1991 година, многу малку имаат изолација, а и изборот на начини на греење е лош и го фаворизира фосилното фориво, односно огревното дрво. Сметам дека паметното греење кај нас треба да започне со инвестиции во енергетска ефикансност. Наједноставен и најефикасен систем се топлинските пумпи, односно инвертер климите кои за една единица влезна енергија даваат четири единици излезна енергија“, посочи Дединец.

Градот Скопје, но и повеќе други општини низ земјава во последните години доделуваат субвенции за премин кон еколошки начин на затоплување на домовите. Се субвенционира набавката на инвертер клими и печки на пелети, а Градот Скопје субвенционира и чистење на оџаците на домовите. Министерството за економија има континуирани субвенции за печки на пелети, соларни колектори и замена на старите со ПВЦ прозорци. Во моментов во тек е и проект имплементиран од УНДП во скопската населба Лисиче во 100 домаќинства.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска порача дека климатските промени треба да се приоритет на сите институции како и за целата заедница. Тој потсети дека преку Министерството минатата недела во Собранието се донесе десетгодишната Стратегија за регионален развој 2021-2031 година, во која особено внимание е посветено на обезбедување кохерентност на целите, приоритетите и мерките со начелата и приоритетите на Европскиот зелен договор и на Зелената агенда за западен Балкан, чија стратешка цел е да ја направи економијата на ЕУ и на западен Балкан одржлива преку трансформација на климатските и еколошки предизвици во можности и праведна транзиција со вклученост на сите.