Доделени наградите на МТФ „Војдан Чернодрински“

Наградата за најдобра режија ја доби Зоја Бузалковска за претставата „Иванов“ на Македонскиот народен театар (МНТ). Оваа претстава освои вкупно седум награди

фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

На Прилеп му треба театарска зграда. Да не дозволиме материјалното да му го заземе местото на духовното, да не дозволиме излишните луѓе да ги истиснат и да им го заземат местото на оние што му требаат на секое општество, рече во своето обраќање режисерката Зоја Бузалковска, при врачувањето на наградите на 58-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Бузалковска ја доби наградата за најдобра режија за претставата „Иванов“ на Македонскиот народен театар (МНТ). Оваа претстава доби седум награди на фестивалот.

„Ваков тип на претстава како ‘Иванов’ не е возможно да го направите ако немате колектив во вистинската смисла на зборот – актерите, цел сценографски тим, кој работеше на тоа да биде возможно во овие не баш поволни услови за играње големи претстави, какви што во моментов ги имаме во Прилеп“, рече Бузалковска.

Наградата за претстава за уметничко остварување ја доби Театарот „Антон Панов“ од Струмица за „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Актерот Васил Михаил ја освои наградата за најдобра машка улога за улогата на Силјан во „Црна дупка“.

Актерката Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра женска улога за претставата „Иванов“. Нејзиниот колега Ѓорѓи Јолевски ја освои наградата за најдобра споредна улога, додека Анкица Бенинова ја прими наградата за женска епизодна улога.

Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Григор Јовановски за улогата на Љвов, исто така во „Иванов“.

За најдобра млада актерка беше прогласена Јована Миладинова за улогата во претставата „Едвард Втори“.

Директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ, ја освои наградата за колективно остварување.

Наградата за најдобра музика за Ристо Вртев ја прими Томе Темелкоски, кој беше дел од музичкиот состав што ја изведуваше музиката во претставата „На дното“ на прилепскиот театар.

„Да се создава театарски фестивал во Македонија, а посебно во Прилеп, значи да се бориш со сите ветерници, а истовремено ветрот во грб да ти го дуваат сите помошници од првиот до последниот. Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења“, рече во своето обраќање уметничката директорка на фестивалот „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска.