Во Штип денеска 13 новозаболени, се очекуваат препораки до компаниите со болни работници да затворат

„Што е следно? Ќе оди ли Штип под карантин?“, се прашањата што доминираат меѓу штипјани откако вчера беше објавена бројката од 60 новозаболени од ковид- 19 од овој град.

Иако смирувачки делува денешната бројка од 13 нови позитивни случаи, сепак, кренат е алармот и кај институциите и кај граѓаните. Се очекува на состанок со сопствениците на компании каде има болни од Ковид -13, попладнево надлежните да побараат привремено затворање на капацитетите и работниците да заминат на годишен одмор, како превенција од натамошно ширење на вирусот.

Ова го најави градоначалникот Благој Бочварски, според кого, вчерашната висока бројка е инцидентна. Тој побара поголемо ангажирање на полицијата и инспекторите на терен.

– Контроли, казни, овде зборувам за неносење на заштитни маски, овде зборувам за секое непочитување на еден граѓанин, институција, компанија. Така што и во таа насока треба да постапуваме и знаеме сите дека во моментите, кога бевме дисциплинирани и кога сме дисциплинирани немаме проширување на овој вирус. Имавме помал број на новозаразени – кажа градоначалникот Бочварски.

Дисциплината, се чини, е клучниот збор кога е во прашање растот на бројот на заболени во Штип. Близу два месеци секојдневно има новозаболени, а тоа според ецидемиолозите од Центарот за јавно здравје се должи и на недисциплинираноста на граѓаните и непридржувањето кон мерките.

-Поради тоа, тешко е да се каже каде заболуваат луѓето – на работните места, каде што се групираат на пауза, или дома, каде што продолжуваат дружењата, не се откажуваат од семејните прослави, а младите не го изоставуаат вообичаеното гушкање на видување и групирањето по кафулињата – велат од Центарот за јавно здравје.

По вчерашната висока бројка на новозаболени, почнаа и меѓупартиските обвинувања. На социјалните мрежи се објавуваа фотографии од завршниот митинг на ВМРО ДПМНЕ на градскиот плоштад во Штип, а оваа партија „одговори“ со фотографии од средбите на СДСМ, со луѓе што не носат маски.