Во Русија ограничен пристапот кон социјалната мрежа Твитер

Souvik Banerjee / Unsplash

Во некои делови од Русија пристапот на корисниците кон социјалната мрежа Твитер е ограничен, потврдуваат за Би-би-си од компанијата.

„Свесни сме дека Твитер претрпува рестрикции и го ограничува пристапот за некои корисници во Русија и работиме на тоа да ги задржиме нашите услуги безбедни и достапни“, велат од компанијата во изјавата за британскиот медиум.

Компанијата за следење на сајбер безбедност и управувањето со интернет, „NetBlocks“ овие рестрикции кон социјалната мрежа Твитер ги оценува како негативни, посочувајќи на фактот дека пристапот кон слободниот тек на информации во време на ваква кризна состојба е попречен за народот.

„Фејсбук и Инстаграм не беа толку забележливо ограничени како што моментално е Твитер според нашата метрика“, велат од „NetBlocks“.

Имено, во петокот, еден ден по започнувањето на руската инвазија врз Украина, руските власти најавија делумно ограничување на пристапот до социјалната мрежа Фејсбук на компанијата „Мета“ поради цензурирање на руските медиуми.

Рускиот регулатор за комуникации, Роскомнадзор го обвини Фејсбук за кршење на правата и слободите на руските граѓани. Тој побара од компанијата да ги укине ограничувањата што ги постави во четвртокот на Државната новинска агенција (РИА) и други државни медиуми, кои сликата за руската инвазија ја претставуваат како специјална воена операција.

Од „Мета“ го игнорираа ваквото барање.

„Руските власти ни наредија да престанеме со независното проверување на фактите и етикетирање на содржината на медиумите. Ние одбивме“, изјавил потпретседателот за глобални прашања во „Мета“, Ник Клег.

Од компанијата се надеваат дека Русија нема целосно да го запре пристапот на своите граѓани кон нејзините социјални мрежи, бидејќи како што велат, има руски државјани кои секојдневно ги користат нивните услуги за да се изразуваат или организираат акции.