Во отсуство на дигитализација, наоружајте се со нерви за да стигнете на ред за заверка на семестар

И покрај скоро воведените реформи за дигитализација во високото образование, сепак, и годинава, глетката беше иста - стотици студенти овие неколку дена со часови чекаат за да стигнат до студентската служба за да заверат семестар

Фото: Мета.мк

За студентите на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ денеска  беше последен ден за уплаќање и заверување на семестар, но и покрај скоро воведените реформи за дигитализација во високото образование, сепак, и годинава, глетката беше иста – стотици студенти овие неколку дена со часови чекаат за да стигнат до студентската служба.

„Како дел од процесот на дигитализација на административните постапки на Универзитетот, почнувајќи од зимскиот семестар од учебната 2024/2025 година, заверувањето и запишувањето на семестритеќе се извршува исклучиво по електронски пат, без потреба од пополнување и поднесување на следниве хартиени обрасци: Образец за заверување на семестар и Образец за запишување на семестар“, гласеше електронската пошта која студентите ја добија годинава од УКИМ.

Ова требаше да помогне да се намалат редиците пред студентската служба, но студентите сепак треба физички да одат и да носат документи (статистички лист) и уплатници од банки, затоа што онлајн плаќањето преку т.н „iknow” систем за повеќето студенти при Правниот факултет воопшто не функционира.

Па така, студентите и оваа година продолжуваат да чекаат за печат во долги редици, губејќи го трпението, а дел од нив и се откажуваат од чекање и по цена да платат казна која изнесува околу 1.000 денари.

Дури и на оние кои им функционира „iknow плаќањето”, им било напоменато дека сепак мора да дојдат во студентската служба и лично да соопштат оти платиле, бидејќи факултетот не добивал известување за уплатата. Оттаму, под прашање се доведува за каква дигитализација станува збор, кога повторно чекањето во редици со часови е неизбежно.

Доколку студентите задоцнат со процедурата, тие треба да платат казна, а за да го избегнат тоа фаќаат ред уште пред да отвори студентската служба.

„Три часа чекав за да си запишам семестар. На студентски прашања работеа само два шалтери. Опцијата за да платиме преку „iknow“ не функционираше, па моравме да платиме во банка. Но, дури и да платевме преку „iknow“, ни кажаа дека ќе мора повторно да дојдеме на студентски прашања да им кажеме дека сме платиле бидејќи немале увид во тоа“, вели студентка која ја сретнавме на кампусот.

Овие неколку дена службата за студентски прашања работи прекувремено за стотиците студенти кои треба да заверат семестар.

Друга пречка за студентите е непознавањето на новиот начин за плаќање.

„Од Универзитетот ни пратија сооштение во кое беше посочено дека ќе можеме да платиме електронски преку iknow системот, но јас платив во пошта, бидејќи откако ги внесов предметите за овој семестар, немав опција да платам електронски. Никој дополнително не ни го објасни процесот на електронското плаќање, како ќе се одвива, дали треба некаде да се обратиме и зошто воопшто нема опција да се плати. Колеги од друг факултет ми кажаа дека треба да им го верифицираат семестарот од службата, па тогаш ќе можат да платат онлајн. Јас се јавив во студентската служба но ми рекоа дека не знаат и на крај си платив во пошта“, објаснува студентка од трета година за Мета.мк.

Рокот за заверување на семестар беше продолжен до денес, иако требаше да истече на 1 октомври.

Денес при посета на факултетот, Мета.мк сведочеше на непрекината редица студенти од сите смерови и години, откако напорите за дигитализација повторно потфрлија.

Ваква е ситуацијата и на другите факултети. Во долгата редица можеа да се чујат поплаки за лошата организација бидејќи сите студенти имаат исти термини за пријавување. Ова значи дека илјадници студенти, без разлика која година ја изучуваат и без разлика од кој смер доаѓаат, заверуваат семестар во исто време.

Ретки се факултетите на УКИМ, но и во Македонија, каде овој процес не е макотрпен за студентите и каде целата процедура се извршува онлајн.

Заверувањето семестар на Правниот факултет чини повеќе од 9.000 денари (6.000 денари партиципација и трошоци од уште 3.500 денари). Од овие пари, 1.250 студентите плаќаат за онлајн ресурси, без да биде точно дефинирано што точно се подразбира под тоа.

Според неодамнешната анализа на Мета.мк за трошоците на факултетите во државава, на УКИМ најскап факултет е правниот.