Од денеска, 1 октомври, започна исплатата на субвенционираниот студентски оброк за студентите кои го оствариле ова право на првиот повик кој беше објавен во август.
Субвенционираниот студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари дневно наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Средствата се исплаќаат на неделна основа на наменските картички за оброк, па така студентите денеска на своите средства добиваат сума од 700 денари (за пет дена неделава), кои можат да ги искористат до сабота, по што во понеделник повторно ќе ја добијат истата сума.
Со специјалните картички студентите може да плаќаат кај трговци кои произведуваат или продаваат храна, односно оброци може да купуваат во маркети, пекари, сендвичарници, ресторани и продавници.
Во меѓувреме, од денеска е објавен нов повик за остварување на правото на субвенциониран оброк за оние студенти кои не успеале да го остварат ова право на претходниот повик. Аплицирањето трае до сабота, 5 октомври.
Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:
-да не се во редовен работен однос;
-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и
-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк.
МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.
Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард преку следниот контакт: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.
Секој месец, од 1-ви до 5-ти во месецот, МОН ќе објавува нов повик за остварување на правото на субвенциониран оброк за сите студенти што претходно не се стекнале со ова право.