Во Битола остварена првата ласерска врска во земјава, пренесени музика и фотографија

Фото: Дејан Трајковски, Николче Стојановски

Д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ со својот колега-радиоаматер, битолчанецот Николче Стојановски, во неделата вечерта во Битола ја оствариле првата ласерска врска реализирана во земјава. Притоа, од едниот на другиот уред се пренесени музика и фотографија од островот Голем Град во Преспанско Езеро, откри Трајковски на својот Фејсбук профил.

„Тешко може да се опише возбудата, исчекувањето и стравот од неуспех пред секој „прв пат“, но ова беше нешто навистина ново и различно од сé што сме пробале досега. Врска преку радио бранови што се гледаат!“, објасни Трајковски.

За овој пионерски чекор, односно првата двонасочна ласерска врска во земјава, е користен црвен ласер со бранова должина од 650 нанометри, односно фреквенција од 462 THz (терахерци), а врската ја реализирале станиците Z31RQ/P и Z32TW/P.

Првиот уред бил поставен кај манастирот Свети Јован кај Германски гробишта, а вториот кај Џепането на Тумбе Кафе, при што е премостено растојание од 2,35 километри.

Илустрација: Д-р Дејан Трајковски

Користени се уреди од сопствена конструкција на „виновниците“ за ова пионерско постигање, а пренесен е звук преку ласерски зрак, односно одржани се врски со амплитудно-модулирана телеграфија (A1A), импулсно-ширински модулирана телефонија (A3E), а испратена е и успешно примена и декодирана бавноанализирачка телевизиска слика – SSTV (Slow Scan Television, A3F).

Користен е фул-дуплекс начин на работа, односно двете станици можеле истовремено да испраќаат и да примаат сигнали.

Користени се црвени диодни ласери со моќност од 150 mW (миливати) и 200 mW, а на прием фотодетектори со трансимпеданциски засилувачи, засновани врз интегрираните кола OPT-101, зад Френелови леќи со дијаметар од 150 милиметри и фокусно растојание од 220 милиметри.

„Сигналите беа неверојатно силни на ова релативно кратко растојание, па со нетрпение очекуваме уште подалечни врски на терахерцното подрачје“, вели професорот Трајковски.