Шопска салата | Фото: Tashkoskim на Викимедија комонс

Не постојат цврсти докази дека Шопската салата може да доведе до труење во организмот, како што тоа се наведува во постот што го анализираме. Оваа салата кај нас е традиционална и се консумира векови наназад, а досега не е познато дека салатата предизвикува труења. Доколку беше така, сигурно досега ќе знаевме и оваа салата ќе беше одамна тргната од македонските трпеза, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Пост на Фејсбук ја уверува јавноста дека шопската салата е штетна и дека не треба да ја консумираме. Објавата предупредува дека никако не смее да се мешаат домати, краставици и сирење. Постот во моментот на нашата рецензија има 33 реакции, 17 коментари и 4 споделувања.

Објавата пренесува напис со наслов „Збогум за шопската салата: Никако не мешајте домати, краставици и сирење!“.

„Комбинирањето на намирници кои имаат различно време потребно да се сварат во желудникот, не е ни малку посакувано. Со комбинирање на таквите состојки може да дојде до ферментација на храната во желудникот и така да дојде до труење. Краставиците и доматите не се меѓусебно компатибилни и никогаш не треба да се конзумираат заедно. Кога ќе стигнат до стомакот и ќе започне процесот на ферментација, тоа може да проедизвика бројни проблеми. Исто така и сирењето не оди во комбинација со нив“, се наведува во написот.

Проверката покажа дека ова не е точно. Имено, точно е дека на доматот и краставиците им треба различно време за варење во желудникот, но не е вистина дека нивното комбинирање може да доведе до труење.

Сајтот Панацеа.мк уште во 2018 година пишувал на оваа тема.

„Доматот за разлика од краставицата, поради високиот процент на растителни влакна што ги содржи, побавно се вари во организмот. Меѓутоа, утврдено е дека постојат комбинации и на други видови зеленчук што се варат со различна брзина, а не влијаат на целокупната дигестија во телото. Различното време на преработка на доматот и на краставицата, појаснуваат други нутриционисти, не е причина да се откажете од совршената комбинација на овие два зеленчука.“

Понатаму написот наведува дека друга можна причина за избегнување на оваа комбинација, е дека краставиците содржат ензими кои го уништуваат витаминот Ц од доматите.

„Но, од друга страна, тие додаваат дека ова не би требало да претставува проблем, освен за лицата кои имаат проблем со авитаминоза. И за ова, велат стручњаците, има решение. Доколку ви недостасува витамин Ц во организмот, проблемот може да се реши така што доматите и краставиците ќе ги консумирате одвоено или после оброкот испијте чаша сок од цеден портокал и така ќе ја надоместите потребната доза на витамин Ц. Ако имате чувствителен стомак, следете како вашиот организам реагира откако ќе изедете, на пример, шопска салата. Доколку немате никакви тегоби во стомакот, слободно уживајте во вашата омилена комбинација – домат и краставица.“

Доктор Александар Митов на својата официјална веб-страница, исто така, пишува дека шопската салата е извонрeдно здрава.

„Шопската се подготвува од домати, краставици, пиперка, кромид и малку сирење, сол и масло. Растителните компоненти се пакувани со фитохемикалии со огромна антиоксидативна моќ. Особено тоа е случај за ликопенот и нирингенинот кај доматите, капсицинот, лутеинот и зеаксантинот кај пиперките, потоа антоцијанините и кверцетинот кај кромидот и бројните флавоноиди и танини кај краставиците, пишува д-р Митов осврнувајќи се на растителните компоненти на салатата кои нагласува дека се богат извор на антиоксиданти.“

Понатаму д-р Митов посочува дека шопската салата е нискокалорична храна, богата со растителни влакна, храна погодна за слабеење и добра е за дигестијата.

„Салатата може да придонесе и за регулација на шеќерот. Ваквото својство се должи на растителните влакна, но и на некои од нејзините фитохемикалии. Високата содржина на вода и врзаната вода во дигестивниот тракт од растителните влакна значи помала енергетска вредност, но и овозможено продолжено чувство на ситост.“

Шопската салата, пишува докторот, е богата и со витамини и минерали. Таа е богата, пред сè, со витамините С, К и витамини од В групата, особено В6 и В9. Овие витамини ги има во сите растителни компоненти на салатата, но присутни се и витамините А, Е и други во помали количини.

Од минералите најзастапени се калиумот, манганот, калциумот, магнезиумот, железото и други во помали количини.

На крајот д-р Митов нагласува дека при подготовката на салатата најчесто се греши кога ќе претераме со сирењето, маслото и солта.

„Сирењето е богато со заситени маснотии и драстично ја зголемува калоричната вредност и е богато со сол. Тоа треба да се користи како еден вид на зачин и на тој начин да се избегне потребата од дополнителна сол, која исто така може да биде доста штетна. Кога станува збор за маслото, тоа е најконцентрираниот извор на енергија. Дополнително, рафинираните масла немаат никакви микронутриенти, а можат да бидат со оштетени масни киселини кои се штетни по здравјето. Затоа, најдобро е воопшто да не се додава масло, а ако веќе сакате да го појачате вкусот, најдобар избор е ладно цеденото масло, но малку!“

Нашата проверка покажа неколку работи. Прво, дека различното време потребно за варење на доматот и краставицата, не доведува до труење во организмот, туку може да доведе до тешкотии. Но, тоа е индивидуално и кај секој организам е различно, исто како што секој различно реагира на било која друга храна. Според тоа, доколку почувствувате тешкотии по консумацијата на шопската салата, избегнувајте ја.

Второ, комбинацијата на доматот со краставицата може да биде штетна бидејќи краставиците содржат ензими кои го уништуваат витаминот Ц од доматите. Но, ова не претставува проблем, освен за лицата кои имаат проблем со авитаминоза. Тие лица можат да се напијат чаша цеден портокал после консумацијата на шопската салата.

Трето, салатата е богата со витамини, минерали и растителни масла и е нискокалорична.

Значи, не постојат цврсти докази дека шопската салата може да доведе до труење во организмот, како што тоа се наведува во постот што го анализираме. Оваа салата кај нас е традиционална и се консумира векови наназад, а досега не е познато дека салатата предизвикува труења. Доколку беше така, сигурно досега ќе знаевме и оваа салата ќе беше одамна тргната од македонските трпези, пишува Вистиномер.мк.