Високото образование врие од корупција, но ниту еден студент досега не пријавил

Имаме бројни пријави од анонимни професори. Од студенти не сме добиле, па затоа ги охрабрувам студентите да пријавуваат, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска

Фото: Мета.мк

Нееднаква распределба на студентски легла, нееднаква распределба на студентски стипендии, купување прашања за испит, користење плагијати, купување книги за оцена или за добивање повисока оцена. Ова се случува на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, рече на денешната дебата Теодора Столевска, директорката на Младинскиот образовен форум, на која се дискутираше за формите на корупција во високото образование.

Настанот беше организиран од Институтот за демократија. На темата дискутираа студенти, професори, претставници на НВО-секторот, студентска правобранителка, како и претстедателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска.

„Сите истражувања велат дека младите ќе си заминат од државата, а примарна причина за тоа е што не можат да најдат соодветна работа тука и втората е степенот на корупција. Тие уште по завршувањето на средно образование заминуваат. Во Љубљана годишно студираат 5.000 студенти. Кај нас има нееднаква распределба на студентски легла, нееднаква распределба на стипендии. Се доделуваат акредитации без да бидат обезбедени сите документи. Најчеста појава на корупција е непотизмот“, рече Столевска.

Kaко што таа информираше, анализи што ги правел МОФ покажале дека 20 отсто од студентите се соочиле со поткуп, а 39 отсто треба да купат книга за да можат да добијат оцена или да добијат повисока оцена.

„Тие се изјасниле дека не би ги пријавиле случаите зашто не знаат каде да пријават, 89 отсто кажале дека не знаат каде да пријават. Затоа мора да има едукација – да има обуки за студенти, за правобранители, промоција на постоечки тела. Мора да има и механизми за заштита“, додаде Столевска.

Нема ниту една пријава од студенти до Антикорупциската комисија

Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК кажа дека секторот образование е третиран во нивната Национална стратегија за корупција и судир на интереси, оти перцепцијата на граѓаните е дека постои корупција во високото образование. Таа се осврна и на работењето на ректорот на УКИМ.

„Имаме бројни пријави од анонимни професори. Од студенти не сме добиле, па затоа ги охрабрувам студентите да пријавуваат. Што се однесува до работата на ректорот, констатиравме дека неговото функционирање не е во согласност со законот. Во врска со реизборот на ректор во време на пандемија, ни се заклучи вратата и не успеавме да му ги доставиме документите. Ректоратот сосема се заклучи“, рече Ивановска.

Таа појасни дека прашањата за работниот однос треба да се утврдени во договорот кој треба да се склучи со Сенатот.

„Тој договор не е унифициран, туку е направен точно за тој ректор. За да не звучи дека сме тенденциозни, побаравме од сите универзитети да ни покажат колкави ректорски надоместоци земаат. Ако некој професионално ја извршува својата функција, за тоа треба да си добие плата, а не надоместок. Ректорот на УКИМ добива плата за 100 посто работно време. Тој зема надоместок за ректор кој е голем и ги користи сите привилегии, службвено возило и т.н. Имаме бројни пријави дека таму има партиски влијанија, дека тој доделува повеќе или помалку средства на различни факултети, и затоа побаравме ревизија финансиска да направи Државниот завод за ревизија“, рече Ивановска на дебатата.

Професорот од Правен факултет Гордан Калајџиев, кој е назначен за антикорупциски офицер кажа дека професорите многу малку барале студентите да имаат научено за да положат.

„На општествените науки сега студентите доаѓаат со по два-три дена учење. Една студентка дојде и ми рече дека само еден ден учела, а се работеше за испит кој е голем и со многу работи кои треба да се запомнат. Корупцијата со право е истакнува како голем проблем. Работите би се придвижиле кон подобро со поголема транспарентност, посебно преку веб-сајтот на УКИМ. Студентите традиционално не пријавуваат корупција, а професоите се тужат, се оговараат, поднесуваат пријави во деканат. Офицерот мора да има постабилен линк со ректорот“, рече тој.

Никој ништо не пријавува ниту кај студентската правобранителка

И студентската правобранителка Викторија Постоловска кажа дека досега нема ниту една пријава за корупција. Во 2018 година се воведе инструментот на студентскиот правобранител, да посредува меѓу спорови на студенти со професори.

„Корупција има, таа е длабоко вкоренета оти нашето општество има такви тенденции. Денес УКИМ има проблем со корупција оти на УКИМ не се зборува за ова. Студентите не веруваат дека можеме да пркосиме на системит на УКИМ кои се деструктивни“, рече таа.

На прашање на Мета, дали се направени истражувања за состојбата со корупцијата на другите универзитети, директорката на Антикорупциска, Ивановска, кажа дека имаат пријави од професори за недоследности при изборот во наставно-научни звања.

„Се работи за случаи на Универзитетот „Мајка Тереза“, на Државниот тетовски универзитет како и на Штуловиот универзитет“, рече таа.

На дебатата беше кажано и дека има намалување на научните истражувања што се прават и дека е ниско нивото на македонските универзитети на странските ранг-листи.

„МОН не ги финансира националните научно-истражувачки проекти, туку ги наградува резултатите. Бројот на истражувачи е сведен на 1,6 на 1000 жители, а тоа е четири пати помалку од просекот на ЕУ“, беше кажано на дебатата.