Винил хлоридот од ОХИС замина на уништување во Германија

Цистерната со винил хлорид мономер од ОХИС на почетокот на месецов замина за Германија, каде што опасната хемикалија ќе биде уништена во инсенераторот SUEZ Sonderabfallgesellschaft. Се работи за историски отпад од околу 13 тони кој минатиот месец беше преточен од страна на експерти од француската компанија „Куриум“, од стара вагонска во нова цистерна, за да може да се изврши транспортот. Од компанијата „Екоцентар 97“ денеска информираа дека хемикалијата е веќе пристигната во Германија, а деновиве ќе биде и безбедно уништена.

„Во рамките на „Проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС“ комплетно е завршена постапката за извоз и безбедно транспортирање на винил хлорид мономер. Транспортот започна на 2 октомври во присуство на претставници од Државниот инспекторат за животна средина, со превозник кој ги поседува сите лиценци и дозволи за меѓународен транспорт за ваков вид на опасен отпад. Од инсенераторот од Германија вчера добивме потврда дека отпадот е пристигнат без никакви проблеми во текот на транспортот и цистерната е безбедно истоварена кај согорувачот. Во идниот период очекуваме повратна информација кога винил хлорид мономер ќе биде уништен“, информираат од „Екоцентар 97“.

Поголемиот дел од опасниот отпад од ОХИС, во рамките на истиот проект е веќе извезен на безбедно уништување. Почетокот на пандемијата на ковид-19 во март годинава го одложи последниот извоз, кога освен винил хлоридот, останаа уште околу 10 тони различен отпад, односно околу 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии, спакувани во АДР амбалажа, соодветна за меѓународен транспорт и складирани во магацин во дворот на ОХИС од каде требаше да заминат во „Валорек Сервисис“ инсценераторот во Базел, Швајцарија, каде што на безбеден начин ќе бидат уништени.

Во меѓувреме, за овој отпад истече меѓународната дозвола за транспорт на опасни хемикалии, а во моментов во тек е постапката да се извади нова и да се заврши и последниот извоз. На тој начин, за повеќе од една година ОХИС ќе биде ослободен од 64 тони опасни хемикали, меѓу кои имаше метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии. Тие лежеа во дворот и во зградите во кругот на ОХИС повеќе децении и претставуваа огромна опасност за здравјето на луѓето и за животната околина.