В сабота ќе се одржи прв базар на мали еколошки бизниси

Биоразградливи хулахопки, накит од рециклирана пластика, облека од втора рака и природни материјали, житни цевки за пијалаци, освежувачи за простории од кора од портокал се само дел од македонските иновативни и еколошки производи кои ќе можат да се најдат на базарот

Илустрација: Организатори на настанот

В сабота, на 21-ви октомври, во организација на Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење „Yes for Less“ и Јуроп хаус Скопје ќе се одржи првиот базар на мали еколошки бизниси во земјава. Целта на настанот, како што велат организаторите, е запознавање со бизнисите кои секојдневно придонесуваат кон одржлив развој, промоција на еколошките алтернативи кои ги нудат во замена за стандардните производи кои секојдневно ги користиме, и со тоа подигнување на еколошката свест и позитивното влијание што го имаат овие бизниси.

„Ова не е само обичен базар, туку и можност за дружба и запознавање со еко заедницата која, освен поединци, вклучува и над 30 бизниси, од кои 20-тина ќе бидат присутни на базарот. Биоразградливи хулахопки, накит од рециклирана пластика, облека од втора рака и природни материјали, житни цевки за пијалаци, освежувачи за простории од кора од портокал се само дел од македонските иновативни и еколошки производи кои ќе може да ги најдете на базарот. Истите ќе бидат понудени од бизнисите Пура Перла, Игнеа, Еко восочни обвивки, KVembroidery, Mирјана Јосифоска, Април 22, О-круг, Креместаре, Уна, Candlenest, Bilkilife, Ellie Art, Ормарче, Органаутс, Втор живот, Натура тиби, Sunilens, Контура, итн“, објаснуваат организаторите.

За сопствениците на бизнисите ќе биде одржана и работилница на тема „Еколошки бизниси: комуникација и пристап до потрошувачите“. Одржувањето на оваа работилница е во склоп на 2023 како годината на вештините и октомври како месецот за поддршка на малите локални бизниси според програмата на Јуроп хаус Скопје.

Базарот ќе се одржи во „Бистро Комедија“, и ќе трае од 12 до 16 часот.