Во сабота (16 октомври), со почеток во 13 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје ќе се одржи промоцијата на најновиот стрип на уметникот Матеј Богдановски, насловен „Џукела и Пацоф“.
На промоцијата за стрипот ќе зборуваат писателката Румена Бужаровска и музичарот Мирко Попов, а авторот Богдановски ќе се вклучи онлајн.
Стрипот „Џукела и Пацоф“ претставува сатиричен коментар на низа состојби во македонското општество. Мета.мк објавува неколку табли од стрипот со дозвола на авторот.


Матеј Богдановски е академски сликар, автор на стриповите „КШШЦ“ (2010), „Патенталија и Тентелина епизоди 1 и 2“ (2011), „Патенталија и Тентелина – Чиста десетка“ (2016) и „Улица“ (2020) според aвтобиографската повест на Славко Јаневски. Автор е и на книгите „Разговори“ (2017), „Скопје радост ти ќе бидеш“ (2017) и „Приказни од Чудновија“ (2018).