Уставниот суд бара информации од надлежните дали се спроведува одлуката за јавен превоз за сите средношколци

Уставниот суд потсетува дека членот 91 овозможува врз основа нa претходно добиени податоци и известувања, да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство

Фото: ЈСП Скопје

Со одлука на Уставниот суд беа укинати делови од Законот за средното образование, во кој беше повреден принципот на еднаквост, при што се правеше разлика меѓу средношколците од јавното и приватното образование. Денеска Уставниот суд информира дека на работниот состанок одржан на 4 септември, Уставниот суд го задолжил генералниот секретар да се обрати до надлежните органи (МОН, Град Скопје и ЈСП) со цел да ги обезбеди неопходните податоци и информации во врска со извршувањето на одлуката за да подготви извештај и за одговорот да го информира Судот.

„Имено, согласно членот 86 од новиот Акт кој се применува од септември оваа година, Уставниот суд по службена должност го следи извршувањето на своите одлуки и може од секого да побара податоци и информации во врска со преземените мерки со цел извршување на одлуката“, велат од Уставниот суд.

Уставниот суд потсетува дека членот 91 овозможува врз основа нa претходно добиени податоци и известувања, да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот.

Барањето на информации за спроведување на конкретната одлука се покрена по службена должност и по информациите во јавноста дека одлуката на Уставниот суд која е донесена на 5 декември 2023 година не се извршува.