Уништен и оставен на милост и немилост на времето, стадионот во Куманово долги години заборавен од властите

Стадионот има големи оштетувања и не се одржува. Љубителите на спортот велат дека и покрај големата потреба институциите не вложуваат колку што треба во овој објект

-

Градскиот стадион во Куманово долги години е оставен во заборав од институциите. Овој стадион повеќе наликува на еден напуштен, отколку на еден спортски објект. Стадионот има големи оштетувања и не се одржува. Љубителите на спортот велат дека и покрај големата потреба институциите не вложуваат колку што треба во овој објект. За да ја подобрат ситуацијата беше организирана и една волонтерска акција. Централната власт одговорноста ја префрла кај локалната власт. А од општина Куманово истакнаа дека почнале со проектирање на реконструкцијата на стадионот, пишува Порталб.мк.

Текстот на Порталб.мк го пренесуваме во целост:

Порталб.мк го посети стадионот во Куманово, а таму насекаде видовме фрлени отпадоци, неискосена трева, дупки полни со песок и трева, оштетена соблекувална, искинати фудбалски мрежи, грди бетонски седишта и многу други оштетувања и неправилности.

Родителите и тренерите инвестираат повеќе од институциите

Фудбалскиот тренер со 20-годишно искуство, Исмет Зеќири, истакна дека Општина Куманово не инвестирала во градскиот стадион.

„Условите на овој стадион се такви какви што се, но теренот за активности е добар, тука активности спроведуваме веќе 15 години и до пред три години немаше струја. Некои од соблекувалните се добро уредени бидејќи ние, заедно со помош на родителите дадовме свој придонес, а општина Куманово инвестираше многу малку. Иако нивната дозвола е од голема важност, затоа што добиваме терен каде што ги собираме децата и ги тргаме од улица и ги насочуваме преку спортските активности. Целата работа што ја работиме е на доброволна основа, ние тренерите вложуваме повеќе отколку што добиваме, иако секогаш има добри луѓе кои ни помагаат“, рече Исмет Зеќири.

Тој додаде дека и покрај лошите услови, резултатите од нивните активности се многу големи, тие биле шампиони на Северна Македонија со четири генерации, два пати победници на купот на РСМ и два пати биле финалисти. И дека произвеле големи фудбалери.

 „Питачи за стадионот“

Спортскиот новинар од Куманово, Решат Ибраими, рече дека овој објект е оставен во заборав.

„Стадионот во Куманово се наоѓа на само неколку метри од општина Куманово. Жално е што на такво место вежбаат децата на некои фудбалски школи. Условите се малку подобри по неодамнешната акција на тренерите од Куманово, но се далеку од скромни услови. Некои тренери и некои поединци во некои случаи станаа како питачи во разни кумановски фирми, барајќи материјална помош за средување на соблекувалните за децата или за младите фудбалери“, рече Ибраими.

Албин Амети, спортист кој веќе осум години се занимава со спортски активности, а веќе една година редовно вежба на стадионот во Куманово, истакна дека овој стадион ги нема ниту основните услови кои се неопходни за развој на спортските активности.

„Навистина е жалосно што ние младите имаме волја и желба, но немаме услови. Како на фудбалскиот терен нема помошен терен, нема бели линии, што ни претставува проблем во текот на играта, иако веќе три години ја средија соблекувалната и фала богу сега имаме каде да се пресоблекуваме, пак нема доволно простор. Да не зборуваме за други работи што треба да ги има еден стадион како оние стадиони што ги гледаме само преку екраните“, изјави Албин Амети.

Централната власт одговорноста ја префрла кај локалната власт

За овој стадион разговаравме со заменик министерката за спорт, Сафије Садики Шаини, која рече дека надлежности за стадионот во Куманово има општина Куманово.

„Општина Куманово е таа која има ингеренции да ги преземе сите неопходни активности за реконструкција и подобрување на инфраструктурата на стадионот“, рече Шаини.

Таа додаде дека Министерството за спорт ќе ги поддржи иницијативите на општините за развој на спортската инфраструктура и подобрување на условите за спортистите и локалната заедница.

На прашањето дали планираат да одвојат средства за овој стадион, од Владата на РСМ посочија дека е започнат проект од 250 милиони евра за финансирање на општински проекти за подобрување на инфраструктурата.

„Ова е можност општините да реализираат и други проекти, како изградба или реконструкција на згради“, велат од Владата.

Општина Куманово со проект за стадионот, но без конкретен рок

Од општина Куманово велат дека започнале со подготовка на проектот за реконструкција на градскиот стадион.

„ЈП Куманово – план“ – Куманово започна со изработка на техничката документација неопходна за евалуација на финансиските средства, кои ќе бидат потребни за реализација на проектот – реконструкција на градскиот стадион. По комплетирање на потребната документацијата следува одлука на Советот на општината, со која проектот може да се вметне во годишната програма за реализација на проекти“, соопштија од општина Куманово.

Долгогодишни неисполнети ветувања 

За овој стадион дадени се многу ветувања, но состојбата на терен останува непроменета.

Во 2019 година градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека ќе побара помош од приватни инвеститори за да се поправи состојбата на стадионот. 

Во 2021 година Димитриевски рече дека само за рушење на постоечките трибини се потребни околу 300.000 евра и дека побарале средства од Агенцијата за млади и спорт.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентското собрание на УКИМ со реакција за зголемените трошоци: Образованието мора да остане достапно за сите

Како Универзитетско студентско собрание, ги разбираме предизвиците со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во справувањето со трошоците. Меѓутоа, сметаме дека најголемиот дел од овие финансиски...