Ученици од 11 технички училишта учеа за микропроцесорските системи и се натпреваруваа

Оваа работилница, по четврти пат, ја организираат ФЕИТ-ФАБЛАБ и компанијата Логинг Електроникс во рамки на нивниот партнерски проект „Технологија за тебе“

Фото: ФЕИТ ФАБЛАБ - Логинг Електроникс

Средношколци и професори од 11 технички училишта од Македонија, изминативе два дена учествуваа на специјализирана едукативна практична работилница „Развојни микропроцесорски системи“.

Оваа работилница, по четврти пат, ја организираат ФЕИТ-ФАБЛАБ и компанијата Логинг Електроникс во рамки на нивниот партнерски проект „Технологија за тебе“.

Продеканот за настава на ФЕИТ, Соња Геговска-Зајкова ги поздрави учесниците на работилницата, мотивирајќи ги да продолжат со образование на техничките факултети.

„Ги едуцираме, но и мотивараме младите средношколци да останат и да студираат во Македонија. И тука имаат можности многу да научат и да бидат во контакт со најновите технолошки решенија, исто како нивните колеги од други развиени држави. Нашиот факултет се грижи за потенцијалите на младите и за можноста да се реализираат во земјава“, додава Зајкова.

Идејата за овој настан се родила во 2017 година, а прв пат е реализиранa една година подоцна. Извршниот директор на Логинг Електроникс, Златко Крстевски вели дека суштината на овој проект е технологијата, поточно микропроцесорските системи да ги направи достапни за младите генерации во нивната практична едукација.

Практичниот дел од овогодинешниот натпревар од областа на електрониката се реализираше во новоотворената лабораторија на производство на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ ФАБЛАБ.

„Многу сме среќни што нашата новоотворена лабораторија ФЕИТ ФАБЛАБ ги овозможи највисоките стандарди за реализација на натпреварот со користење на професионални инструменти и програмабилни системи. Лабораторијата за производство ФЕИТ ФАБЛАБ на дело ја демонстрираше својата основна намена, а тоа е да служи како креативен и инспиративен простор за младите иноватори, техничари, хобисти, сегашни и идни инженери“, се обрати Живко Коколански, професор на ФЕИТ во име на ФЕИТ ФАБЛАБ.

Во натпреварот учествуваат сите 11-училишта организирани во тимови по двајца ученици на дефинирана тема од страна на ФЕИТ со користење на донираната опрема од Логинг Електроникс.

Добитниците на првите три места од натпреварот добија награди со опрема од Развојни микропроцесорски системи и ваучер за платена тримесечна пракса од Логинг Електроникс, додека од ФЕИТ шест стипендии од институтот за Електроника доколку се запишат на насоката Компјутерско хардверско инженерство и електроника, објасни Коколански.

На работилницата учествуваа претставници на СЕТУ „Михајло Пупин“- Скопје, СУГС „Владо Тасевски“- Скопје, СОСУ „Илинден“- Илинден, СОУ„Гошо Викентиев“ – Кочани, СОУ „Гостивар“ – Гостивар, СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка, СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ -Битола, ОСТУ „Наце Буѓони“ – Куманово, ССОУ „Коле Неделковски“ – Велес,СОУ „Коле Нехтенин“- Штип и СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ од Прилеп.

Покрај наградите за првите 3 места на натпреварот, награда за најдобра реализација и презентација практичен проект со опремата донирана од Логинг Електроникс доби СЕТУ „Михајло Пупин“- Скопје.