Учебната година на „ТВ Училница“ заврши успешно – далечинското образование предизвик и за наставниците и за учениците

ТВ Училница лого

Од 16 март, пет дена откако Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да ги затвори сите градинки и училишта во државата, па сè до крајот на учебната година на 10 јуни, над 250.000 ученици преостанатиот дел од наставната програма, освен онлајн, го следеа и на телевизија.

Наставниците и ликовите од серијата „5+ Фамилија“, секое утро беа присутни во домовите на учениците преку проектот наречен „ТВ Училница“, што се емитуваше на трите канали на националниот телевизиски сервис, МРТ. Во услови што ги наметна ризикот од ширење на коронавирусот, овој проект беше интервентна мерка на Министерството за образование и наука, кое во соработка со Бирото за развој на образованието, продукцијата ОХО и Македонската Радио Телевизија, им овозможи на децата да ги следат едукативните содржини и лекциите што во тој период требаше да ги совладаат на училиште.

ТВ Училница лого
ТВ Училница на МРТ / преземено од: Фејсбук профил „5+ Фамилија“

Подготовките и организацијата на емисиите се одвивале во отежнати услови за сите кои биле ангажирани, вели за Мета Розета Арсова, уредник на Редакцијата за деца и млади во Образовната програма на МРТ.

„Времето за подготовка на овој серијал контактно-едукативни емисии, беше многу кратко, но потребата, поточно, нужноста под итно и неодложно, далечинското учење да стане алтернатива за образованието на учениците, ги мобилизираше сите ресурси на МТВ за брзо и професионално да обезбеди услови за успешно реализирање на проектот. Тимот го сочинуваа искусни професионалци. За луѓето зад камерите ова беше ново искуство. Се работеше со маски, ракавици и задолжителна дистанца. Се водеше грижа, не само за квалитетот на емисијата, туку и за здравјето на учесниците. Беа преземени сите заштитни мерки за да не се загрози здравјето ниту на наставниците и актерите, ниту на ТВ екипата“, вели Арсова.

Таа додава дека емисијата била добро прифатена од учениците.

„Воведувањето на репризно емитување на секое издание на ТВ Училница на Детскиот канал на МРТ, се наметна како потреба, како резултат на јавувањата и барањата на гледачите. Беше убаво да се слушне дека на децата им се интересни содржините во ТВ Училницата и дека многу полесно ја научуваат лекцијата откако ќе ја проследат презентацијата на телевизија“, тврди Арсова.

ТВ Училницата претставувала предизвик и за наставниците. Освен обврската да ги подготват наставните материјали, учеството во емисиите значело и посебна подготовка за јавен настап. Своето искуство со нас го сподели Билјана Арсовска, одделенски наставник во ООУ „Вера Јоциќ“ во Скопје, која беше вклучена во телевизискиот проект.

Одделенсиот наставник Арсовска на снимањето на проектот / преземено од: ТВ Училница

„Да се биде дел од групата која обезбедува пријатни, безбедни и стимулирачки услови што ги поттикнуваат децата на истражување, учење и независност, за мене претставува голем предизвик. Ние наставниците не сме медиумски личности, па трема секако постоеше, но само на почетокот. Имавме јасно определени насоки на работа. Демонстриравме толку многу креативност и посветеност во работата, многу наставници, многу различни идеи. Бидејќи се работи за деца од различна возраст и структура на ученици, посебно во услови кога се предава глобално на цела република, една од најважните работи е начинот на кој се пренесува знаењето. За да се постигне целта на часот потребна е многу емпатија и посветеност“, изјави Арсовска.

Потешко е да излезеш пред камера отколку да држиш настава онлајн, тврди таа, но ништо не може да ја замени интеракцијата која ја има во училница.

„Заедничка карактеристика на двете училници е што имаат добро изготвен распоред на времето и организациска структура, пријатен амбиент, позитивна клима за работа, дидактички и потрошни материјали. Живееме во доба каде што наставникот е менаџер и создава средина за учење која се базира на заемна почит и демократски принципи, средина во која се препознаваат и почитуваат интересите на децата и нивните индивидуални способности.  Нашата професија е таква што никогаш не мирува. Секогаш сме спремни да одговориме на предизвиците што со себе ги носи новото време“, вели Арсовска.

Таа смета дека образованието е подготвено за вакви предизвици, но посочува дека наставниците би требало да поминат дополнителни обуки за јавен настап и говор.

Дел од снимањето на проектот „ТВ Училница“ / преземено од: ТВ Училница, МРТ

Успешните подготовки и реализацијата на стотина изданија на ТВ Училница, во отежнати и комплицирани услови на професионално работење, според уредникот Арсова, потврдуваат дека МРТ работи и ќе работи на зачувување на кредибилитетот што го има на медиумскиот пазар.

Слични емисии на националните сервиси се прикажуваа во речиси сите држави во регионот, а настава за најмалите на своите програми прикажуваше и британската Би-Би-Си.