Турски судија пребегал во Грција и бара азил

Сè поголем е бројот на турски граѓани кои бараат азил во Грција. Грчката полиција уапси 50-годишен турски судија на островот Хиос, кој нелегално влегол во државата со група бегалци и барал азил за да биде заштитен од режимот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот судија пристигнал на Хиос заедно со чамец со шест бегалци од Сирија, кои патувале од Турција кон Грција. Веднаш штом бил забележан, бил уапсен од грчката поморска стража. Во своја одбрана рекол дека бега од режимот на турскиот претседател и побарал политички азил.

Судијата веќе одговарал пред обвинител под обвинение за нелегален влез и самостојно, без адвокатска помош, се бранел објаснувајќи дека се криел цел месец во обид да најде начин да избега од Турција. Тој е на слобода откако судот му одредил условна казна затвор.

Неговото барање за азил се очекува да се разгледува во Атина во грчката служба за азил.

Информацијата дека нов турски граѓанин бара азил во Грција ја потврдија и претставници на УНХЦР од островот. Според информациите во Грција, минатата недела уште седум турски граѓани, и тоа едно семејство академици со нивните деца и тројца бизнисмени, пристигнале на Родос и во Александруполи и побарале азил во Грција за да бидат заштитени од прогонот по обидот за воен удар во Турција, минатиот месец.

Покрај новите барања, во Грција сè уште се чека на исходот од процесот за азил за осумте турски војници кои во јули, веднаш по обидот за пуч во Турција, со воен хеликоптер слетаа во Александруполи и побараа азил во Грција.

Ситуацијата со турските војници значително ги комплицира односите меѓу Атина и Анкара, која бара војниците да бидат депортирани назад. Иако грчката влада најмалку сака да дојде до дипломатски инцидент во овој момент, сепак внимава и на турските закани за смртна казна за војниците и не може да дозволи да ги врати доколку има реална можност за загрозување на човековите права.

Она од кое стравува Грција е можна турска манипулација со бегалските бранови и повторно зголемување на бројот на бегалци кои пристигаат на грчките острови. Според владините бројки, од обидот за пуч во Турција досега во Грција пристигнале 3.600 нови бегалци.

Условите за бегалците на островите се драматични бидејќи веќе одамна е надминат капацитетот во бегалските центри. На островите има 12.211 бегалци, а во целата држава бројката на бегалци сè повеќе се приближува до 60.000 лица.