Три тони линдан најдени во магацин во ОХИС, фирмата задолжена да ги испрати на уништување

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Нови количини на линдан се пронајдени во магацин во ОХИС, во вонреден инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Се работи за околу три тони линдан спакуван во хартиени вреќи и нареден на палети во објект кој сега е сопственост на фирмата „Хемиски Инженеринг“ од Скопје. Во истата контрола најдени се и три цистерни во кои имало хлор.

Од Министерството за животна средина велат дека се информирани дека овие хемикалии и опасен отпад се најдени во магацинот и дека е обврска на сопственикот да ги отстрани на соодветен начин.

„Компанијата која е сопственик на магацинот мора да избере фирма која линданот ќе го транспортира на безбедно уништување, според прописите кои ги наложуваат Стокхолмската конвенција за перзистентни органски загадувачи за начинот за постапување со овие хемикалии и Базелската конвенција за безбеден транспорт на опасен отпад“, велат во Министерството.

Инспекторите во вонредниот надзор утврдиле дека во некои градежни објекти и садови што фирмата „Хемиски Инженеринг“ ги превзела по стечајот на ОХИС во 2018 година, има неодредена количина на хемиски средства и опасен отпад од пестициди кои не се евидентирани и за кои дотогаш не знаеле ниту Министерството ниту Инспекторатот.

„Во ѕидан објект од околу 100 квадратни метри, затворен со метална врата и заклучен со катанец, затекнат е пестицид линдан во оригинално пакување во книжни вреќи од 30 килограми складиран на дрвени палети, во вкупна количина од околу 3.100 килограми. Исто така во близина на објектите каде се вршела електролиза, затекнати се три затворени метални цистерни со волумен од околу 25 кубни метри, во кои се чувало хлор“, се вели во соопштението на Инспекторатот.

На сопственикот, инспекторите му наложиле да направи попис на сите хемиски средства и опасен отпад во објектите кои ги преземал и да ги отстрани во рок од 90 дена. Во близина на опасниот отпад инспекторите констатирале и дека се сечат метални цевки заради што забраниле и секакви активности врз градежните објекти, резервоарите и цистерните.