fbpx

Трговија со луѓе: Непалци регрутирани во руската војска бегаат од фронтот во Украина

Њујорк Тајмс известува за случаите на невработени Непалци кои, привлечени со ветувања за големи плати што ќе може да ги праќаат назад на семејствата, се задолжуваат со големи суми и заминуваат на печалба во Русија, каде им се нудат работни места во војската, но далеку од фронтот

-

Викенд-изданието на Њујорк Тајмс за 29-30 јуни разоткрива мрежа за трговија со луѓе со кои жители на сиромашниот Непал со измами се вработуваат во руската армија.

Њујорк Тајмс известува за случаите на невработени Непалци кои, привлечени со ветувања за големи плати што ќе може да ги праќаат назад на семејствата, се задолжуваат со големи суми и заминуваат на печалба во Русија, каде им се нудат работни места во војската, но далеку од фронтот.

Градежниот инжинер Кришна Бахадур Шахи (24) се придружил на руската војска со уверување дека нема да биде пратен во окупирана Украина, за што претходно платил 5600 долари на мрежа за трговија со луѓе. Како платен војник наводно требало да добива плата од 2200 долари месечно, а набрзо потоа и руско државјанство.

Наместо стражарска должност во воена база внатрешноста, по само две недели обука, во декември минатата година Шахи го пратиле на првата линија на фронтот кај Донецк. Неговата единица била составена од Непалци и руски криминалци, бивши затвореници, кои ги малтретирале Непалците. По загинувањето на тројца сонародници решил да дезертира и да се врати дома.

Неговата сопруга се задолжила за на бандата шверцери со луѓе да им плати уште 4275 долари за да му помогнат. Шахи потоа дезертирал заедно со неколку други Непалци, но шверцерите набрзо го предале на руската полиција.

Руските власти го вратиле Шахи на фронтот каде што набрзо бил ранет и пренесен во болница во Ростов на Дон. Откако избегал од болницата, некако стигнал до амбасадата на Непал во Москва, каде добил нови патни документи. Потоа неговото семејство  дополнително се задолжило за да плати нови 8000 долари на друга банда шверцери да го вратат во Непал во текот на јануари.

Според официјалните податоци од непалските власти објавени од Њујорк Тајмс, амбасадата до сега помогнала на 110 Непалци да избегаат од „вработувањето“ во Русија што тие го опишувале како вид на ропство.

Непалската влада утврдила дека до сега 32 нивни државјани загинале во служба на руската војна против Украина. Тие упатиле барања до Русија  да ги врати и нивните регрутирани граѓани кои се уште живи и посмртните останки на загинатите. Семејствата на голем број Непалци со кои изгубиле контакт сметаат дека бројот на мртви е многу поголем, а мажите кои уште служат во руската армија ги сметаат за жртви на измама.

Според Катманду Пост, до средината на април, над 295 роднини упатиле барања за репатријација на илегалните регрути и до непалското министерство за надворешни работи и до руската амбасада, пред која одржале низа протести.

До крајот на јуни, кампањата за спасување на непалски државјани објавила низа писма од Непалци кои служат во руската војска во на украинскиот фронт. Еден од нив пишувал дека дошле таму заради екстремната сиромаштија во Непал, со поддршка на посредници, мислејќи дека брзо ќе се збогатат.

Тие упатуваат барања до нивната држава да ги спаси. „Да имавме можност за вработување во нашата земја, немаше да се придружиме на руската војска и да ги изложиме животите на ризик.“

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измамничка објава на Фејсбук за наводна трговија со криптовалути ги злоупотребува имињата на познати македонски новинари

Вистиномер провери за каква измама станува збор следејќи го линкот на објавата на Фејсбук. Тој ве носи на веб страница minishouts.com каде што е објавено наводно интервју со Ирена Мулачка...