fbpx

Транспарентноста на конец: Тежок пат до целосно објавување на вистинските сопственици на фирми кои добиваат тендери

Транспарентноста при јавните набавки може да е клучна алатка при сузбивањето на корупцијата и зголемување на довербата во институциите

-

Најверојатно звучи познато веста дека фирма склучува договор за јавна набавка, а нејасно е кој е всушност вистинскиот сопственик. Дали станува збор за фирма која навистина ги исполнува критериумите и е најсоодветна за изведбата на потребната задача или пак тендерот е добиен само поради блиски политички или бизнис релации меѓу власта и вистинскиот сопственик?

Патем, со вакви примери македонската јавност се соочува често, а еден од најеклатантните примери е мистериозната фирма Ексико, која уште во 2013 година се најде во првите 20 на листата 200 најуспешни компании во С.Македонија, а до ден денес е непознато кој всушност стои зад таа компанија. Нејзиното сопствеништво почнува од даночниот рај Белизе, преку САД, а завршуваше во Лугано, Швајцарија. Ексико се јавуваше како купувач на вредно земјиште на Водно од вкупно четири и пол илјади квадратни метри, индиректно фигурираше и во сопственичката структура на хотелот „Ибис“, се јавуваше како акционер во голем број компании, земјоделски комбинати, млекарници и градежни компании вклучени во проектот Скопје 2014. Се поврзуваше со големи моќници од тогашните владејачки структури и бизнис елитите, но остана мистерија кој всушност раководи со оваа компанија.

За да се промени ова, од клучно значење беше најавата за воспоставување Национален регистар на вистински сопственици, во 2021 година.

„Пред да се установи Националниот регистар на вистински сопственици, вистинските сопственици се криеја така што како сопственици на фирмите се јавуваат други фирми, без притоа воопшто да фигурираат какви било имиња. Натаму, како основачи на фирми се јавуваат адвокати и други посредници или акционерско друштво во кое може да има стотици и илјадници сопственици, иако, некој, крајно ги контролира и тие фирми“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој 20 години се занимава со мониторинг на институциите.

Герман Филков | Фото: Лична архива

Но, и покрај воспоставувањето на регистарот, според извештајот „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореносто“ на Фондација Метаморфозис, неисполнет останува индикаторот за транспарентноста при објавување на вистинските сопственици на понудувачите и фирмите што склучиле договор со институциите во постапките за јавни набавка.

„Се повторува препораката за потребата јавно да се објават вистинските сопственици на фирмите што склучиле јавни набавки на електронскиот систем за јавни набавки, со што ќе се спречува корупцијата, значително ќе ја намали злоупотребата на понудите за јавни набавки и ќе послужи да обезбеди фер конкуренција помеѓу понудувачите, а која како мерка е предвидена и во петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт (2021 – 2023)“, стои во извештајот на Метаморфозис.

Еден од главните предизвици со Националниот регистар е тоа што информациите во него не се лесно достапни. Тие не можат да се преземат директно онлајн, туку „по електронски пат преку Интернет Дистрибутивен систем и систем за е-потврди или на шалтерите во Централен регистар“. Податоците кои се запишани во Регистарот на вистински сопственици веднаш и без надомест им се достапни на Управата за финансиско разузнавање, судовите и субјекти кои имаат овластување да го користат електронскиот систем на Централниот регистар, но само ако тоа се однесува во делот на нивните надлежности. На фирмите и на физичките лица овие податоци им се достапни само во согласност со воспоставената тарифа и единствено во вид на информација.

Па така на пример, податоците од Регистарот за име и презиме, месец и година на раѓање, државјанство, земја на престој, сопственички удел или друга форма и вид на сопственост или контрола, се достапни доколку се поднесе Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, процес кој може да трае со недели. Во други земји од регионот, овие информации се целосно достапни онлајн и се достапни за време на целиот тендерски процес.

Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, предвидува дека вистински сопственик на една компанија е: 1) Физичкото лице кое крајно го поседува или го контролира правното лице преку директна и/или индиректна сопственост на доволен процент од уделите; 2) Физичко лице кое има висока управувачка позиција во правното лице, односно кое со закон и интерните акти е овластено да управува и е одговорно за работењето на правното лице.

Индикатор на директна сопственост, пак, според законот, е сопственоста на над 25% од уделите, правата на глас или други права во правното лице или сопственоста на 25% плус една акција. Индикатор на индиректна сопственост е сопственоста или контролата на физичко лице над едно или повеќе правни лица кои поединечно или заедно имаат над 25% од уделите или 25% плус една акција.

„Обврска да се пријави како вистински сопственик имаат оние сопственици кои поседуваат повеќе од 25 отсто од фирмата. Тоа значи дека голем дел сопственици, повторно, не фигурираат и не можат да се откријат. Во некои истраги е можно од одредена фирма да се побараат и имињата на оние коишто поседуваат и помали удели од 25 отсто, но тоа им е оневозможено на новинарите и на граѓанските организации, кои пак се важен чинител во борбата против корупцијата. Дополнително, не се проверува веродостојноста на податоците за вистинските сопственици што ги пријавуваат фирмите, освен во некои истраги и случаи“, посочува Филков.

Друга стратегија со која вистинските сопственици на една фирма си ги „бришат“ своите траги е преку вклучување на членови од семејството како сопственици. Можно е тројца членови на едно семејство да поседуваат по 24 отсто, што заедно е 72 отсто од една фирма, со што ниту едно од овие три лица нема да фигурира како вистински сопственик. Филков објаснува дека ваква злоупотреба на законот во земји како Словачка се регулира со тоа што семејната поврзаност се смета за еден удел, односно случаи како претходно наведениот би морале да се пријават како еден вистински сопственик.

Партнерството за отворена власт (ПОВ) e доброволна меѓународна иницијатива започната од осум земји во 2011 година. Република Северна Македонија веднаш по започнувањето стана дел од оваа глобалната инцијатива во рамките на која Владите и граѓанските организации се залагаат за Влади кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Основната цел на ПОВ e да обезбеди конкретни заложби од владите за промовирање на транспарентност, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа со поддршка на иновациите.

Во земјава досега се имплементирани пет национални акциски планови, а во моментот е почната реализацијата на шестиот акциски план кој содржи 15 заложби во чија реализација еднакво учествуваат државните институции и претставници на граѓанското општество. Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт го координира и зајакнува гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите, а тука секако спаѓа и јавното објавување на вистинските сопственици.

„Досега, воспоставување на ваков механизам во РСМ не беше можен, поради непостоењето на Регистарот на вистински сопственици. Од друга страна, јавните набавки во земјата постојано се поврзуваат со широко распространета корупција и злоупотреби, сомнежи за договарање на фирмите и создавање вештачка конкуренција со што не може да се гарантира дека се добива најдобра вредност за потрошените пари. И во последниот извештај на Стејт департментот за Климата за инвестирање во Република Северна Македонија се наведува корупцијата (и непотизмот) во јавните набавки како проблем за инвеститорите“, се вели во објаснувањето за заложбата 1.1.

Таму стои дека (до август 2023 година) јавното објавување на вистинските сопственици е „незапочнато“.

Токму затоа, истата заложба е вклучена и во новиот, шестиот Национален акциски план, како 1.2 – Јавно објавување на имињата на вистинските сопственици на фирмите – понудувачи и на фирмите што имаат склучено договори за јавни набавки, за концесии (при Министерството за економија) и за воспоставување јавно приватно партнерство.

Заложбата се однесува на овозможување јавна достапност на податоците за вистинските сопственици, за почеток, за фирмите кои користат јавни средства, односно имаат склучено договори за јавни набавки, за концесии за експлоатација на минерални суровини, договори за концесија на детални геолошки истражувања, како и оние со склучени договори за воспоставување на ЈПП. Исто така, во насока на уште поголема заштита од корупција, а согласно светските трендови во оваа сфера, заложбата предвидува објавување на имињата на вистинските сопственици и на фирмите-понудувачи во постапките за јавни набавки.

 

Вистинските сопственици можат да го дадат клучот за трговијата со влијание

Огласувањето на вистинските сопственици оди рака под рака со транспарентноста, нешто што исто така се нотира во публикацијата на Фондација Метаморфозис. Таму се посочува дека иако институциите ја имаат подобрено транспарентноста во одредени аспекти, сè уште не се исполнети сите заложби од петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт и токму затоа некои од нив си го најдоа местото и во новиот, шестиот Национален акциски план.

„Во најголем дел од јавните институции кај нас, транспарентноста сè уште се сфаќа како ‘обврска’, најчесто ‘натурена однадвор’ и оттука и спроведувањето на оваа обврска и задоволувањето на барањата за транспарентност главно се реактивни, ад-хок и повремени“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Институциите особено се неисполнителни при исполнувањето на обврските кои не се законски обврзни, но се меѓународно прифатени добри практики. Оваа „практика“ јасно може да се види во резултатите на испитувањата на публикацијата на Метаморфозис.

На пример, во резултатите за 2022 година Метаморфозис забележува пад кај министерствата од 75 отсто на 68,75 и пад од 24 на 16 отсто кај извршните органи во однос на објавувањето на годишен извештај за сите јавни набавки. Наместо да објават прегледен извештај, дел од институциите едноставно ќе го интегрираат делот „реализирани договори“ од порталот за јавни набавки, додека дел ќе напишат по некоја информација во нивните годишни извештаи за спроведување на планот за работа за таа година.

Од публикацијата на Фондација Метаморфозис „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“

Но, се забележуваат и подобрувања кај министерствата и извршните органи по многу други основи, како што се објавувањето на плановите, повиците, одлуките и договорите за јавни набавки. Имено, Владата во заминување исполнила 12 од 13 индикатори според индексот на отвореност кога станува збор за јавните набавки (неисполнетиот индикатор се однесува токму на објавувањето на вистинските сопственици).

Транспарентноста и отчетноста треба да се сфатат како дел од редовното работење на институциите, нешто што треба да се прави системски, секојдневно, и паралелно со сите процеси во работењето, бидејќи тоа работење се прави поради граѓаните, а јавните информации треба да бидат и лесно достапни за нив. Таков е примерот и со објавувањето на вистинските сопственици на компаниите кои можат да дадат директни сомнежи за корупција и трговија со влијанија, но и лесно можат да се сузбијат доколку податоците станат достапни за јавноста.

 

Подготовката на текстот е дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Филков во Идризово по вчерашниот инцидент: Состојбата во затворите е алармантна

Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има. Вака коментира новиот министер за правда Игор Филков, по денешната посета во...