ТикТок ќе ги подучува инфлуенсерите во САД за правилата околу претстојните избори

Фото: Antonbe, Pixabay

ТикТок презема дополнителни мерки за ограничување на дезинформациите и прекршување на неговите политики пред делумните парламентарни избори среде мандатот на претседателот во САД што треба да се одржат во ноември, јавува „Би-би-си“.

Платформата за видеа најави нови чекори за да се осигура дека инфлуенсерите ќе разберат оти платените политички реклами се забранети на оваа социјална мрежа.

Делумните парламентарни избори среде мандатот во САД се општи избори кои се одржуваат кон средината на четиригодишниот мандат на американскиот претседател во ноември, во вторник, после првиот понеделник во месецот.

По изборите во САД во 2020 година, компанијата призна дека треба да стори повеќе за да се осигура дека креаторите и инфлуенсерите ги следат правилата на платформата.

Во текот на следните недели, ТикТок ќе објавува едукативни содржини и ќе организира брифинзи со инфлуенсерите и рекламните агенции за да ги разјасни правилата во однос на платената содржина околу изборите. Компанијата предупреди дека доколку открие некоја политичка содржина оти е платена и не е соодветно објаснета, навремено ќе биде отстранета од платформата.

Од ТикТок додаваат и дека, покрај изборните дезинформации, забрането е и малтретирањето – вклучително и она насочено кон изборните работници, како и ширењето омраза и насилниот екстремизам.

„Би-би-си“ пишува дека сеќавањата за немирите во Капитол Хил по последните избори сѐ уште се свежи, што става уште поголем притисок за справување со лажните вести и штетните содржини на социјалните мрежи пред американските гласачи да се упатат на гласање.

Инаку, и другите технолошки компании за социјални мрежи ги најавија своите подготовки за изборите во ноември. „Мета“ најави дека ќе ги продолжи мерките што беа воведени на претходните избори, кои вклучуваа забрана за нови реклами за политички, изборни и општествени прашања во текот на последната недела од изборната кампања.