ТикТок избриша над 500.000 видеа со дезинформации поврзани со Израел-Хамас

„ТикТок“ отворило ново крило за координирање на „професионалците за безбедност“ кои се најмени да работат ширум светот. Дополнително, ветуваат дека ќе вработат повеќе говорници на арапски и хебрејски јазик

Photo by Olivier Bergeron on Unsplash

Под притисок од Европската Унија претходната недела, ТикТок изјави дека избришале над 500.000 видеа кои содржеле дезинформации, како и повици за насилство во врска со војната меѓу Израел и Хамас, известува Си-ен-ен

Од ЕУ се повикаа на Законот за дигитални услуги, кој беше усвоен овој август годинава. Според него, социјалните медиуми со над 45 милиони активни корисници во ЕУ се обврзани да отстрануваат „нелегални содржини“ и да покажат дека преземаат чекори за проактивно модерирање. Дополнително, законот ѝ дозволува на ЕУ да врши инспекции на социјалните медиуми и потенцијално да ги казни а во краен случај привремено да ги забрани.

„По терористичките напади извршени од Хамас против Израел, имаме индикации дека ТикТок се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во Европската Унија. Дозволете ми да Ве потсетам дека Законот за дигитални услуги поставува многу прецизни обврски во однос на модерацијата на содржината на големите социјални медиуми“, напиша европскиот комисер Тиери Бретон во писмо до извршниот директор на ТикТок, Шау Зи Чу.

Комисерот Бретон испратил слични писма и до Мета, Гугл и Х. Тие сè уште немаат одговорено.

Од ТикТок велат дека веднаш се активирале по испораката на ЕУ. Отвориле ново крило за координирање на „професионалците за безбедност“ кои се најмени да работат ширум светот. Дополнително, ветуваат дека ќе вработат повеќе говорници на арапски и на хебрејски јазик.

Во едно од попопуларните видеа, со преку 300.000 прегледи, кои беше тргнато од ТикТок, се тврдеше дека медиумите го оркестрирале нападот на Хамас.

Социјалните медиуми се користат сè повеќе за време на конфликтот – и за дезинформации, но и за објавување новости од терен директно од граѓаните.