fbpx

Тетовското и струшкото муфтиство незадоволни со разрешувањето муфтии, ИВЗ не дава образложенија

На седницата на Ријасетот на ИВЗ се разрешени муфтиите на Тетово и Струга

-

Ријасетот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на 8 ноември годинава ги разреши муфтиите на Тетово и Струга и оваа одлука ја објави на Фејсбук. По ова, муфтиите ја прогласија одлуката како нелегитимна бидејќи, според нив, на седницата на Ријасетот не биле поканети сите членови. ИВЗ ја објавила одлуката, повикувајќи се на неколку членови на Уставот на ИВЗ. Но, последната службена верзија не може да се најде на веб-страната, а ниту на другите службени канали на оваа институција, известува Порталб.мк.

Највисокиот орган за одлучување на Исламската верска заедница (ИВЗ), Ријасетот, во средата го разреши Ќани Несими од позицијата тетовски муфтија и Салим Сулејмани од позицијата струшки муфтија, додека на нивни места, Ријасетот во Тетово го именува в.д. муфтија Селвер Џемаили и во Струга, в.д. муфтија Јусуф Исмаили.

„Ријасетот на ИВЗ на РСМ, како највисок колективен орган, горенаведените одлуки ги донесе за да се зачува единството на муслиманскиот народ во нашата земја и за да се зачува интегритетот на Исламската верска заедница на РСМ“, се вели во соопштението на ИВЗ.

Според образложенијата во одлуките на Ријасетот, двајцата муфтии се разрешени врз основа на истите членови, односно 26, 29, 31 и 57, кои, како што се вели во некои верзии на неколку Устави од различни години до кои дојде Порталб на интернет, се во врска со неисполнувањето на задачите и обврските што се очекуваат од нив.

Бидејќи ИВЗ не го објавиле нивниот Устав на нивната официјална веб-страна, побаравме да ни се достави и последната верзија на Уставот, за да видиме што се предвидува со членовите на одлуките за разрешување, но од страна на ИВЗ досега не ни е доставен Уставот.

Иако Порталб.мк побара објаснување од ИВЗ за конкретните дела врз основа на кои се донесени одлуките за разрешување, до објавување на овој напис од страна на ИВЗ не ни е одговорено. Во еден неформален разговор ни беше кажано дека деновиве ќе се произнесат со дополнителни информации.

Тетовското муфтиство разрешувањето го смета како нелегално и нелегитимно.

Еден ден по разрешувањето на тетовскиот муфтија, Ќани Несими, тетовското Муфтиство, кое управува со 107 џамии и е второ по број на џамии по скопското, одржало седница на која се донела одлука, со која разрешувањето се прогласува за нелегитимно и нелегално.

„Разрешувањето на актуелниот муфтија на Тетово, проф. др. Ќани еф. Незими направено на Седницата на Ријасетот на ИВЗ на РСМ, одржан на 08.11.2023 е нелегитимно и нелегално, како и именувањето за В.Д. Муфтија на Тетово на Др. Селвер еф. Џемаили е направено на нелегитимна и нелегална седница на Ријасетот на ИВЗ на РСМ“, се вели во денешното соопштение, објавено на Фејсбук страната на тетовското муфтиство.

Во разговор со новинарот на Порталб.мк, разрешениот Муфтија Несими, кој на последните избори на ИВЗ беше противкандидат на Шаќир Фетаху за Реис, рече дека е разрешен само поради „ќејфот на Шаќир Фетаху“ и дека седницата на Ријасетот ја организирал и ја одржал само со неговите блиски луѓе.

Именувањето на Селвер Џемаили за в.д. муфтија на Тетово, кој досега бил директорот на Секторот за дијаспората на ИВЗ, Незими го нарече „присилен“. Тој порача „да се почитува уставноста и со ова ќе се зачува и единството во ИВЗ“.

Струшкото муфтиство го смета за нелегално разрешувањето на Салим Сулејмани.

Еден ден по разрешувањето на муфтијата, и струшкото муфтиство одржало седница, но нивниот официјален став е објавен синоќа на полноќ.

Од страна на струшкото муфтиство кое управува со 34 џамии, истакнуваат дека донеле изјава според која велат дека „едногласно не се согласуваат со одлуката на Ријасетот за разрешување на струшкиот муфтија бидејќи истата е во спротивност со Уставот на ИВЗ“.

Како што се вели во писмото, одлуката е донесена на нелегитимна седница, бидејќи Ријасетот не бил во полн состав.

„Најчудно е што ниту сме биле известени за оваа седница. Освен ние, на оваа седница не биле поканети ниту четири редовни членови на Ријасетот. Разрешувањето доаѓа откако веќе подолго време во ИВЗ имало незадоволства и судир на ставови и идеи за начинот на организирање на верскиот живот во РСМ“, велат од струшкото муфтиство.

На крај на писмото, во изјавата се вели дека муфтијата заедно со управата на муфтиството „во име на единството и мирот како и нерасколот, одлучиле едногласно да се повлечат од актуелните позиции во струшкото муфтиство“.

Инаку на 18 ноември 2020 година, во 18 гласови „за“ од вкупно 21 член на Ријасетот на Исламската верска заедница, Шаќир Ефенди Фетаху беше избран за поглавар на ИВЗ. Неговиот противкандидат тетовскиот муфтија, Ќани Несими доби 3 гласови.

На 27-ми мај 2020 година, Ријасетот на Исламската верска заедница на вонредната седница со двотретинско мнозинство го разреши од функција тогашниот поглавар, Сулејман Реџепи. Реџепи беше разрешен врз основа на членот 58 од Уставот на ИВЗ, кој гласи дека Поглаварот на ИВЗ се разрешува кога „не ги извршува обврските за кои што е избран, кога неговиот став и работа се во спротивност со исламските одредби и нормативните акти на ИВЗ, кога работи против одредбите и одлуките на надлежните органи на ИВЗ, кога ја злоупотребува положбата на штета на интересите на ИВЗ“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...