Светски ден на водите: Подземните води се скриено богатство, но кај нас ги загадува кој стигне

Фото: United Nations Water

Помалку од  три отсто од водата во светот е слатка вода, погодна за конзумирање. Од неа, само 0.5 отсто се реки и езера, 25 отсто се подземни води, а 75 отсто се мраз и глечери. Останатите 97 отсто вода на планетата е солена, морска вода. Денеска е Светскиот ден на водите, кога се одбележува значењето на овој скапоцен ресурс, но и се алармира за опасностите кои му се закануваат.

Темата под која Обединетите нации го одбележуваат Денот на водата годинава се подземните води. Тие се невидливи, но нивното влијание е присутно насекаде. Подземните води се скриеното богатство што ги збогатува нашите животи и кое не е имуно на климатските промени и на човековите активности.

„Подземните води сочинуваат 99 отсто од сите течни слатки води на Земјата. Сепак, овој природен ресурс често е слабо разбран и потценет, погрешно управуван, па дури и злоупотребен. Според последниот Извештај за развој на водите на Обединетите нации објавен од УНЕСКО, огромниот потенцијал на подземните води и потребата за одржливо управување со нив повеќе не може да се занемари“, стои во објавата на United Nations Water.

Во земјава третманот на водите е голем предизвик. Заканите се присутни и за реките и езерата и за подземните води. Земјоделството ги загадува преку употреба на нутритиенти и инсектициди, а се загадуваат и преку директно испуштање на фекален отпад од сточарски фарми. Свесни сме дека и повеќето индустриски води се испуштаат без прочистување, а пак, депониите не го третираат исцедокот кој директно завршува во подземните и површинските води.

„Водите се загадуваат и преку комуналните отпадни води. Помалку од 80 отсто од населението во земјава е покриено со системи за собирање на отпадни води, а 25 отсто од населението е покриено со третман на отпадните води како што се пречистителни станици“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Освен загадувањето, предизвик за квалитетот на водите се и појавите на ерозија, вадењето на песок, камен и чакал од речните корита и бреговите на површинските водни тела, како и интензивната изградба на мали хидроцентрали, што директно влијае на загрозување на водните еко-системи и еко-системите зависни од вода.

„За подобрување на состојбата и соодветна заштита на водите потребна е приоретизација на проблемите со водните ресурси и животната средина, засилен инспекциски надзор и доследна имплементација на законите. Исто така, неопходна е и поддршка на бизнис секторот, како и едукација и менторство за индивидуалните загадувачи“, вели Митревски.

Во земјоделството, посочува тој, потребно е управување со иригационите и дренажните системи, но и инвестирање во одржливо сточарство и искористување на фекалниот отпад за производство на биогас. Одржливото управување со отпадот, односно што поскорото градење на регионалните депонии во кои ќе се третира исцедокот, во голема мера ќе придонесе за подобрување на состојбите.

Во однос, пак, на третманот на комуналните отпадни води, неопходно е зголемувањето на бројот на пречистителните станици. Според Митревски, ефикасното управување со водните ресурси е предуслов и за пристапување на земјава кон Европската Унија, бидејќи се работи за второто најобемно пристапно поглавје со повеќе од 200 законски регулативи, прописи, директиви и уредби за водните ресурси.