Кривичниот суд им го укина куќниот притвор на членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се обвинети дека учествувале во демолирањето на Народната канцеларија на претседателот Ѓорги Иванов на протестите против аболицијата од 13 април.

Куновски, кој од судот излезе видно возбуден, во име на Левица се заблагодари на, како што ја нарече, „партијата во стечај ВМРО-ДПМНЕ“, затоа што им направиле голем маркетинг. Тој му се „заблагодари“ и на Обвинителството затоа што дало „школски пример за двојни аршини“.

– Сакам да кажам дека е точно дека во Македонија има безбедносна криза, но само затоа што безбедносните служби се користат за лични цели. Во моето и во апсењето на Здравко Савески имаше 12 припадници на единицата „Алфа“ – рече Куновски.

Рочиштето за случајот против Савески и Куновски денеска беше по четврти пат одложено бидејќи адвокатите на одбраната имаа приговор на вештачењето, кое, според нив, не било подготвено во согласност со законската процедура.

– Не може државен правобранител да подготви вештачење без писмена наредба од јавен обвинител. Исто така, во согласност со имотните листови за народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, никаде не пишува дека сопстевник е Република Македонија, а во согласност со тоа, за дел од штетета нема право да бара надомест – рече Дуковски.

Тој додаде и дека судот постапил принципилено со тоа што ја укинал мерката куќен притвор.

Судијата кој го води предметот на денешното рочиште побара дополнително време за доставување докази и го задолжи јавниот обвинител да го достави договорот за закуп за Народната канцеларија на претседателот Иванов.

Јавниот обвинител побара освен законски предвидените мерки, на обвинетите делумно да им се ограничи движењето поради протестите кои сè уште се организираат.

Сепак, како дополнитени мерки на Савески и на Куновски, а наместо куќен притвор, судијата им одреди мерки за претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите и редовно да се јавуваат пред надлежен орган, односно суд.

Десетици поддржувачи на „Шарената револуција“ денеска се собраа пред Основниот суд Скопје 1 за да им дадат поддршка на нивните „соборци“ од партијата Левица, кои 45 дена беа во домашен притвор.