Средношколци од ГУЦ „Здравко Цветковски“ учат како се чистат оџаци, интересот за оваа професија расте

Грејната сезона започна. Граѓаните кои се греат на дрва и пелети, ги активираа печките. Оџачарите предупредуваат – пред да се запали оган, потребно е оџаците да се исчистат за да биде согорувањето подобро, за да се задржи топлината во домот и за да се намалат емисиите на штетни гасови. Професорката од ГУЦ „Здравко Цветковски“, Јасмина Атанасова Симјановска, која е единствената дипломирана оџачарка во Македонија, заедно со тим експерти од Германија, деновиве на терен обучуваат група средошколци како да ја работат оваа работа. Екипа на Мета беше на терен со нив во скопско Лисиче.

„Оџачарството е доходовен бизнис. Може одлично да се заработи во оваа работа. Иако е така, во нашата држава ова е една од дефицитарните професии. Интересот кај младите расте, благодарение на обуките од неформалното образование“, вели за Мета проф. Атанасова Симјановска.

Во Македонија има само околу 30 сертифицирани оџачари. Тоа не ги задоволува ниту потребите на главниот град. Затоа преку проект поддржан од Град Скопје, оџачари од Германија, заедно со професорката, деновиве обучуваат наши средношколци како се чистат оџаци и на што треба да се внимава за да има правилно согорување и помало загадување.

„За нас е важно да ги научиме луѓето дека со правилно греење може да заштедат дрва. На тој начин ќе добијат повеќе енергија, ќе заштедат пари и ќе имаат почист воздух“, вели Хајнц Нидер од Германија, претседател на оџачарската комора во Баварија и мајстор оџачар.

Фото: Мета.мк

За учениците, чистењето оџаци е уникатно искуство и заради тоа што добро се заработува од оваа работа, тие сериозно размислуваат да се занимаваат со ова. Матурантката Хајрие Камбери вели дека целиот процес ѝ е интересен.

„Не нѝ е дозволено да правиме сè, но правиме некои полесни работи. Интересно ми е и подготвувањето со опремата, како и кога ќе почнеме со чистењето“, вели Камбери.

Интересот за оџачарство досега бил прилично ограничен. Но, како што вели професорката Атанасова Симјановска, годинава таа има тројца ученици кои се во образовниот процес, но сакаат да се бават со оваа професија.

Инаку, препораките се дека оџаците треба да се чистат два пати годишно, еднаш на почетокот на сезоната и еднаш во средина на сезона.

Мета.мк неодмна пишуваше дека мора да се внимава и на греењето со печки во зградите. Познавачите предупредија дека греењето на дрва во згради во кои оџаците не се исправни или се оневозможени поради доградба, може да има сериозни последици врз здравјето и да биде закана за самите станари. Ѓуро Поповиќ, управител на фирмата „Оџаци“, предупреди граѓаните да не помислуваат да се греат на дрва и пелети ако не им се исчистени оџаците во зградите.

„Од 2005 година наваму, од кога започна најголемата градежна експанзија во Скопје, ниту еден оџак не е испланиран во самите згради и тие објекти воопшто немаат оџаци. Затоа никој не нè вика нас оџачарите да направиме атест и да провериме проодност на вентилација. Граѓаните треба да знаат дека не смеат да помислат да греат на дрва без да го проверат оџакот“, предупреди Поповиќ.