fbpx

Како по пет години Пендаровски стана консензуална личност?

-

Повторното кандидирање на Стево Пендаровски за претседател и поддршката што тој ја доби од Демократската унија за интеграција (ДУИ) предизвикаа бројни реакции во јавноста. „Дали требаше да поминат пет години, за Пендаровски да стане ,консензуален’!? Што се промени кај Пендаровски за да се случи тоа?“, прашува „Порталб.мк“.

Во текот на 2014 година, Стево Пендаровски беше кандидат , за претседател на државата од СДСМ, кој тогаш беше во опозиција. ДУИ не го поддржа Пендаровски и ги повика албанските гласачи да ги бојкотираат претседателските избори. На изборите победи претседателот во заминување Ѓорге Иванов.

Што се сменило кај Стево Пендаровски,  зошто требаше да поминат пет години да тој стане консензуален за ДУИ? „Порталб“ го контактираше врвот на ДУИ за да праша што се сменило кај Стево Пендаровски, кој пред пет години, според нив, не беше консензуален па дури и реализираа кампања за бојкотирање, за сега да го поддржат.  Но конкретни одговори не дојдоа.

– Ќе имаме можност, ќе има дебати и ќе ги разјасниме сите работи. Кампањите ќе започнат наскоро, а ДУИ ќе разјасни се. Се уште е многу рано да се кажат сите причини поради кои Пендаровски стана прифатлив за ДУИ – изјави заменик-претседателот на ДУИ, Невзат Бејта.

И неговата колешка Теута Арифи исто така не даде вистински одговор, туку само кажа што решила партијата.

-На средбата што ја имавме во неделата, партијата ги разгледа своите ставови и рече дека идејата за консензуален претседател е долгогодишен концепт и, нормално, кога постои договор, ќе има и успех. Нема политички договор, туку став на 30 партии, вклучително и на ДУИ, да се поддржи еден кандидат – изјави заменик-претседателката на ДУИ.

Но заклучоците на оваа партија, коишто беа испратени до медиумите, не содржат аргументи зошто Пендаровски претходно не бил прифатлив за нив, а сега е.

Според директорот на невладината организација „Democracy Lab“, Сефер Селими, „ДУИ е во морална криза со албанските гласачи”, додека според колумнистот Роберт Несими решението доаѓа како присилно, кое ќе има негативни ефекти за време на кампањата за Пендаровски . Тој вели дека „ДУИ се плашела да излезе со свој кандидат и да се соочи со албанската опозиција“.

Според Несими, постојат две причини поради кои за ДУИ ќе биде тешко.

-Првата е дека ДУИ ниту има аргументи, ниту ќе може да ги убеди албанските гласачи да гласаат за Пендаровски, затоа што кога веќе има кандидат кој е најдобро подготвен од сите други кандидати  – Блерим Река – како ДУИ ќе ги убеди гласачите Албанци дека треба да гласаат за Пендаровски? Второ, затоа што се работи за Пендаровски, кого пред пет години го напаѓаа на сите начини, организирајќи и кампања за бојкот за да „гласаат за Иванов“. Неподдржувањето на Пендаровски во 2014 година од ДУИ ја оправдаа со „напори што ќе ја унапредат демократијата со тоа што Албанците ќе бидат дел од одлучувањето” – вели Роберт Несими.

Инаку, 30 политички партии, дел од владејачката коалиција, во петокот го избраа Стево Пендаровски како заеднички кандидат, кој го нарекоа „консензуален кандидат“. Пендаровски ќе се натпреварува со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова и независниот кандидат, Блерим Река кој ја доби поддршката на албанските опозициски партии, Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА.
Силјановска – Давкова ја официјализираше кандидатурата во Државната изборна комисија, додека Река продолжува со собирањето 10.000 потписи.

Првиот круг на претседателските избори во Македонија ќе се одржи на 21 април, а вториот е закажан за 5 мај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.