Граничниот премин Бајаково и Товарник се отворени за сообраќај без никакви ограничувања, објави Владата на Хрватска, на својот профил на социјалната мрежа  „Твитер“.

Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“, потврди дека македонските камионџии веќе ја поминуваат границата.
– Да, добив директна информација од соседите дека камионите полека се пропуштаат низ границата. Не знам точно за колку време ќе се расчисти гужвата бидејќи е голема колона, но се надевам дека нема да ја комплицираат процедурата и ноќеска камионите ќе поминат. Владата изврши голем притисок врз основа на меѓународните спогодби кои Македонија ги има потпишано со трговските организации и за среќа сите овие притисоци и апели дадоа резултат – изјави Муратовска.

За  сообраќај затворени ќе бидат граничните премини со Србија: Илок, Илок 2, Принциповац, Принциповац 2, Ердут и Батина.

Како што соопштија од канцеларијата за односи со јавност на владата на Хрватска, седницата на која ќе биде соопштен одговорот на владата на Србија на оваа постапка ќе се одржи во 21 часот.

Премиерот на Хрватска, Зоран Миловановиќ изјави: „Предупредувам дека во секој нареден момент кога ќе оценам дека се работи за интересот на Хрватска ќе се послужам со слични или исти мерки, бидејќи на друг начин не можам и не сакам да реагирам“.

Миловановиќ рече дека можеби мерката со затварање на границите била остра, но била во одбрана на националниот интерес.