Современи автори од регионот од утре во Скопје на јубилејниот 10. „ПРО-ЗА Балкан“

Владислав Бајац. Фото: ПРО-ЗА Балкан

Десеттото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен утревечер во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Љубителите на пишаниот збор во јубилејното издание ќе можат да се сретнат со десетина писатели, издавачи, да слушнат извадоци од нивните дела на јазикот на кој пишуваат.

На отворањето на фестивалот ќе биде претставено творештвото на Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Елена Алексиева, Владислав Бајац и Томислав Османли.

Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Добитничка на наградата за авторски придонес во балканската литература е Оливера Николова.

На вториот фестивалски ден, во понеделник во 13 часот во Europe House, ќе се одржи тркалезна маса на темата „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Средбата ќе ја модерира Владимир Јанковски. Ќе следува средба на членовите на „Скопје fellowship“ програмата со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Во книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе биде организирана средба и разговор со авторот и режисер Рајко Грлиќ, што ќе го води Александар Прокопиев. Расказ од Грлиќ ќе чита актерот Петар Арсовски.

Веднаш потоа, од 21 часот, ќе следува музички перформанс на Пијан Славеј и промоција на неговата трета поетска книга, „Полиграф“.

На затворањето на фестивалот на 20 септември во 20 часот во Даут пашиниот амам, писателите ќе читаат извадоци од нивните дела.

Во сеќавање на Луан Старова, ќе биде прочитан и извадок од негово дело, а ќе биде упатена и видеопорака од добитничката на „Прозарт“, Оливера Николова.

Во рамките на придружната програма, на 21 септември во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Караула“ на Грлиќ.