Здравствената состојба на главниот и одговорен уредник на информативната редакција на телевизијата „Канал 5“ Гоце Михајлоски засега е стабилна и таа се следи постојано, изјави за „Мета.мк“ министерот за здравство Венко Филипче.

Телевизијата утрово информираше дека Михајлоски е позитивен на тестот за корона вирусот и е хоспитализиран во Градската болница „8 Септември“. Министерот Филипче на денешната прес-конференција за состојбата со Ковид-19 во земјата инфомираше дека двајцата лидери на политички партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се негативни на тестот за присуство на корона вирусот. Минатата недела и двајцата биле соговорници во емисијата „Само интервју“ која ја води токму Михајлоски. Поради тоа, според министерот, и Заев и Мицкоски ќе бидат во дополнителна самоизолација од уште една недела „имајќи го предвид вкупниот период на инкубација, а останатите кои досега имале контакт со нив, не се во никаков ризик и тие не треба да се самоизолираат“.

Филипче информира дека епидемиолозите веќе биле во комуникација со лицата од „Канал 5“ кои се смета дека се од висок ризик. Согласно тоа, рече, ќе бидат преземени мерки и повтори дека за телевизијата важат сите протоколи и пристап како и за сите други институции.

Во однос на тоа зошто лидерите на партиите веднаш биле тестирани, Филипче објасни дека тие имаат контакти со многу луѓе и „не станува збор за политички приоритети, туку за заштита на интересите на државата и институциите во вакви услови на криза.

„Тие имаат комуникација и со медиумите, кои се наши партнери“, рече Филипче.

Понатаму тој информираше дека на Клиниката за инфективни болести по два негативни теста се испишани тројца оздравени пациенти, кои се во добра здравствена состојба, а примени се двајца нови. Таму во моментов се хоспитализирани 66 пациенти, од кои осуммина се на механичка вентилација со тешка форма на болеста. Во „8 Септември“ има шестмина кои се во тешка состојба. Од денеска, потврдени позитивни се 48 лица, па сега вкупната бројка на заболени од почетокот е 711 случаи.

Министерот за здравство ги повика граѓаните да покажат максимална одговорност и во текот на викендот додека трае забраната за движење да ги почитуваат мерките на владата.

– Верувам дека сите граѓани ја разбираат потребата од вакви мерки, но во овие услови мора да покажеме максимална одговорност. Од понеделник, полека ќе почнеме да се подготвуваме за нашите животи да се вратат во нормален колосек – рече Филипче.

Тој додаде дека веќе разговараат со стопанските комори за да се изнајдат решенија за полека да започне работата на фирмите и организациите.

– На секој од нас му треба оптимизам и пораки кои ветуваат дека сето ова еден ден ќе заврши – рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање околу лекувањето со крвна плазма на оздравен пациент, тој истакна дека крвна плазма не може да даде секој.

– Направен е протоколот, се разгледуваше во Медицинскиот факултет, но тоа не е терапија која може да помогне насекаде. Тешката форма на болеста е навистина тешка и ги напаѓа сите органи и има точна индикација кога таа се дава – додаде министерот.