Со летен креативен камп во Богданци започна фестивалот „Литера“

фото: Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“

Со летен креативен камп во Богданци вчера започна четвртото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Организаторите соопштија дека кампот е најава за годинашниот патувачки карактер на фестивалот, како и за идејата за децентрализација на фестивалските настани низ повеќе градови и населени места низ земјава.

Летниот камп, на кој учествуваат деца на возраст од 7 до 14 години, се одржува во просториите на познатата Графичка работилница во Богданци. Тие, преку интерактивни предавања, ќе се запознаат со основоположниците на македонската современа уметност, со различни ликовни техники, а работат и на креирање на сликовница од идеја, преку текст и илустрација до печатење и конечна реализација. Овој камп ќе заврши со групна изложба на сите сработени дела.

Темата на фестивалот годинава е „Дом без граници“. Патувачкиот караван годинава ќе ги посети и Валандово, Гевгелија, како и неколку села во Преспанскиот регион.

„Сакавме нашата мисија за квалитетна литература и илустрација за деца да стигне до што повеќе деца и млади. Без помпезости, но вредно и трудољубиво се обидуваме во „Литера“ да вклучиме што повеќе учесници од различни профили. Така, детскиот камп е отворен и за локалното население, како што ќе бидат отворени и сите наши следни активности. Учесниците на кампот ќе работат и со уметниците Доротеј Нешовски и Ана Димчевска Семенпеева, како и со авторката Магде Ангова. Целта ни е да ја поттикнеме детската креативност, но и македонската продукција за деца и во пишувачкиот и во делот на илустрацијата“, вели Софија Семенпеева-Трајановска, основач на „Литера“ и еден од менторите на Летниот камп.

Организаторите додаваат дека една од важните активности што „Литера“ ги има во својата програма за годинава е изложба на дела од современи македонски илустратори на Фестивалот за детска литература и илустрација „Овца во кутија“ во Пазин, Хрватска. Четворица автори ќе се претстават на групна изложба во срцето на Истра од 12 до 18 септември.